Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Наташа Додевска, сопственичката на Фризерското студио „Нате“ од Куманово, освои прво место за невестинска фризура на меѓународен натпревар на фризери во Италија.
Натпреварувањето се одржа викендов во градот Катанија, во Сицилија, во организација на Федерацијата на фризери на Италија.
Учествувале натпреварувачи од повеќе градови од Италија, Франција, Швајцарија, Русија, Бугарија, Албанија и Косово, а Додевска била единствената претставничка од Македонија.
Се работи за натпревар во повеќе категории, како што се машко и женско шишање, дневна и вечерна фризура, невестинска фризура, ретро и фантазија фризура, а секој од натпреварувачите одбирал за што ќе се пријави и како ќе се претстави.
Нивната работа ја оценувало десетчеленото стручно жири, а тие во ограничен временски период од 45 минути, требало комплетно да ја завршат работата. Покрај фризурата се оценувал и целосниот стајлинг на моделот, вклучувајќи ја шминката, деталите и облеката.
Додевска се одлучила да изработи невестинската фризура, затоа што смета дека таа е врв во професионалната работа на секој фризер. Според неа венчавката е незаборавен момент во животот на секоја девојка, и затоа стајлингот треба да биде посебен. Не и било тешко нејзината идеја – фризура од бајка, да ја реализира успешно, бидејќи има богато искуство во секојдневната работа.
„Мојата девојка изгледаше како принцеза со круна. Ја постигнав целта, со тоа што жирито ни ја додели наградата, но имаше многу позитивни реакции, со најголеми комплинети и пофалби, и од присутните на натпреварувањето. Беа воодушевени, еден час ја фотографираа нашата девојка на подиумот. Сите беа согласни дека наградата ја заслуживме, а кога признанието доаѓа од колегите, има уште поголема вредност и значење“, вели Додевска.
Таа објаснува дека фризурата ја работела од природна коса, без надоградба и додатоци, што дава посебна тежина во нивната работа. Невестинскиот фустан е од студиото „Ленче“.
Наташа вели, дека наградата многу и значи, и таа ќе биде поттик уште попосветено да работи и да се надградува. Остварила контакт со многу колеги од странство, со кои ќе ја продолжи соработката во наредниот период, а таа се подготвува и за нови предизвици. Од организаторите на натпреварувањето, покрај медала, пехар и плакета, добила и признание/сертификат за успешно претставување.
Студиото и академијата „Нате“, постои повеќе од 20 години, а потврда за нивниот квалитет се повеќе награди и признанија во земјава и надвор од неа, како во Бугарија, Босна и Херцеговина, Италија.
„Нашиот салон веќе две децении е место каде нашата креативност и задоволството на клиентите се испреплетуваат беспрекорно. Надвор од успехот на нашиот салон, нашата академија одигра клучна улога во негувањето на новите генерации на талентирани професионалци за коса. Низ годините, ги прифаќавме промените и новите трендови, но остануваме верни на нашите основни вредности за исклучителен квалитет, и услуга во пријатна атмосфера“, вели Додевска.
Таа изразува благодарност до сите лојални клиенти, кои ги поддржуваат, бидејќи без нив, нивниот успех немаше да биде возможен, исто како и до нејзиното семејство кое безрезервно ја подржува во исполнување на нејзините цели.