Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Денеска беше пуштена во употреба железничката делница Куманово- Бељаковце, прва од источниот дел на железничкиот Коридор 8 и поврзувањето со Бугарија. Пругата е во должина од над 30 километри за што се инвестирани повеќе од 78 милиони евра.
На свеченоста присуствуваа премиерот Христијан Мицковски, членови на владата, пратеници, претставници на Европската унија, амбасадори и медиуми, кои во селото допатуваа со воз.
„Она што преставува една важна симболика е што изградбата на оваа пруга преставува и еден синоним за победа над една неуспешна и криминална транзиција и победа над сите лажни ветувања за градбата на оваа пруга, која постојано беше ветувана, не само во деведесеттите години, туку и две и половина децении потоа. Последниот воз кој се сообраќал на овие правци е далечната 1996 година и практично нејзината изградба стана мит за лагите и неуспесите на, за жал на, многу Влади потоа. Речиси 28 години потоа, еве на еден убав настан, каде сме сведоци на пуштањето во употреба да модерна железница, важен сегмент на Коридорот 8“, кажа премиерот Мицковски во обраќањето.
Градежните работи опфатиле рехабилитација на постојната пруга, преку замена на дотрајани прагови, шини и толчаник. Исто така направени се и значителни инфраструктурни подобрувања: изградба на 6 стојалишта, 5 моста, 7 надвозници и 11 подвозници, еден тунел, изградба на 3 нови железнички станици- во Бељаковце, Ново Куманово и Шупљи Камен, како и целосна реконструкција на Железничката станица во Куманово. Проектираната брзина е 100 километри на час на ова делница, за што тврдат надлежните дека обезбедува брза, ефикасна, и сигурна услуга, целосно усогласена со македонските и европските стандарди.
Користењето на оваа пруга ќе значи многу на локалното население, но и за развојот на бизнисот, претставува подобра логистика, помали трошоци и поголема еколошка одржливост.
На отворањето вицепремиерот и минстер за транспорт Александар Николоски најави воспоставување на редовна железничка линија Скопје- Куманово, која во одредени денови ќе оди до Бељаковце.
Градежните работи на пругата Куманово- Бељаковце започнаа кон крајот на октомври 2022 година. Паралелно се работи и на делницата од Бељаковце до Крива Паланка.