ПВЦ прозорци за поголема енергетска ефикасност во училиштето во Режановце
Асоцијацијата АЛМА, во соработка со Општина Куманово и со локална поддршка од Здружението за хумано домување „Хабитат Македонија“ – Скопје, реализираше проект за подобрување на условите за работа во Подрачното училиште „Толи Зордумис“ во село Режановце.
Во рамки на проектот за подобрување на енергетската ефикасност во образованието и поддршка на културна размена меѓу граѓани од маргинализирани заедници, беше извршена замена на прозорците на училиштето.
„Ова по вредност е мал проект, но како гест е голем. За нас како град многу значи, особено што проектот го презентираме на 8 Април – Меѓународниот ден на Ромите“, изјави градоначалникот Максим Димитриевски по потпишувањето на меморандумот за соработка.

Ова е прва соработка на Општина Куманово со француската асоцијација АЛМА, со седиште во Стразбур, која има реализирано успешни проекти во повеќе општини во земјава.
Претседателот на асоцијацијата, Жак Шлеф, нагласи дека проектот е реализиран во заедничка соработка со здружението ДРОМ и со поддршка од „Хабитат Македонија“, со цел подобрување на условите за работа во подрачното основно училиште.