„Рома Труба Фест“ вечерва и утревечер на Градскиот плоштад во Куманово
Фестивалот на дувачки оркестри „Рома Труба Фест“ вечерва и утревечер ќе се одржи на Градскиот плоштад во Куманово, во рамките на „Кумановско културно лето“.
Годинава фестивалот се одржува по 22. пат, а ќе настапат 10 оркестри од Македонија, Србија, Бугарија и Франција.
Химната на Ромите ќе ја отпее Бернад Демирели од Скопје, а на фестивалот ќе настапат и Виктор Димитриевски и Ивона Јовановиќ од Куманово.
Првата вечер пред кумановската публика ќе се претстават оркестрите на „Кеми Асанов“ и „Кочани“ од Македонија, „Исидор Зечировиќ“ и Маријан Крстиќ од Србија и Панајот Кирилов од Бугарија и оркестарот „Louis Brandalous“ од Франција.
Втората вечер се предвидени настапите на Демир Кантуровски и Уска Кан Кантуровски Оркестар, Оркестар „Бобан“, Екрем Мамутовиќ и „Нови Надежи“ од Србија, како и Оркестарот на Давид Антиќ.
„Сите оркестри ќе изведуваат изворни ромски песни и ора. Се потрудивме и направивме одлучен избор. Сите оркестри се квалитетни, можеби оваа година е со најсилен состав, и верувам дека публиката тоа ќе го препознае. Оркестрите ќе имаат настап од по 25 минути, по слободен избор“, кажа уметничкиот директор Самет Салиевски.
Фестивалот го организира Културно-уметничкото друштво „Рушид Шакир“ од Куманово.
Почетокот е закажан во 20 часот.