Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Поставивме нови стандарди во културниот живот и промоцијата на културното богатство за привлекување туристи и посетители во градот, што индиректно значат поддршка за младите и подобрување на квалитетот на нивниот живот.
Покажавме како мала општина, дека имаме и капацитет, но и понуда да се носиме со огранизација на големи културни случувања. Обезбедуваме и директни мерки за поттикнување на младинскиот активизам и делување, со цел подобра иднина и создавање на поволни услови за нивно напредување. Токму оваа нашата понуда и ваквиот начин на интеграција на младите во заедницата, не прави различни од сите останати општини и мене ми е навистина мило што Крива Паланка ја споредуваат и се почесто ја нарекуваат, главен град во државата, вели градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски по повод Меѓународниот ден на младите - 12 август.
Во интервју за Кумановоњуз градоначалникот Митовски, зборува за улогата на младите за иднината на градот, програмите и проектите за поддршка на младите во образованието и спортот, а открива детали и за својот приватен живот надвор од политиката.
Како гледате на улогата на младите во иднината на нашиот град и што Ве мотивира да работите на нивното доградување?
„Пред се огромна е и обврската, но и честа и привилегијата, кога пред 2,5 години поддршката за градоначалник дојде толку од младите во нашиот град. Од една страна убаво е чувството, но од друга страна и обврзува таа поддршка, затоа што мора секојдневно да се работи, да се мисли и да се носат програмски мерки кои се за младите луѓе. За моја среќа, можам слободно да кажам дека со мојот тим, од Општината во изминативе 2,5 години, носевме мерки кои што се за младите, но од друга страна и креиравме програми кои што значат афирмација на нашиот град, кои што ги прават горди младите луѓе. И по што Крива Паланка може слободно да каже дека е препознатлива во последните неколку години. Тука само ќе споменам и дека оваа година Крива Паланка е град на културата, по што е препознатлива како во македонската јавност, така и во медиумската јавност. Од друга страна во изминатиов период, покрај тоа што носевме и мерки за поддршка на младите луѓе, вложувавме многу и во изградба на спортската инфраструктура, во детска инфраструктура... Директно го поддржавме спортот во градот, со финансиска поддршка на младите луѓе и ред други такви слични мерки кои што беа во насока на поддршка на младите луѓе.”
Какви програми и проекти има градот за поддршка на младите во образованието и професионалниот развој?
„Ќе почнам од спортската ифраструктура, изградивме неколку спортски објекти, спортски терени, активно работиме на прв терен со вештачка трева за мал фудбал, спортски терен во село Конопница, а веќе работиме на уредување на спортскиот комплекс, дополнително тука ќе изградиме и ново огромно детско катче и прв парк за домашни миленици. Но она што е позначајно, кога сме кај спортската инфраструктура, изработивме проектна документација и аплициравме во Бугарската амбасада, за изградба на спортски трибини во спортскиот комплекс и да го реконструираме помошниот постоечки објект. Исто така, во развојната програма на Општината за оваа година, планираме да изградиме повеќе од 10 детски катчиња на различни населби. Исто така, даваме директна поддршка од буџетот на Крива Паланка на спортските работници и спортските клубови. Културната програма што ја нудиме е сериозно препознатлива и различна од сите останати општини. Го понудивме новогодиншниот базар, ова година ќе биде 3 година по ред, за празниците кои што се во месец август, големите фестивалски случувања. Наметнавме едно темпо, можам слободно да кажам поставивме нови граници, нов праг, многу повисок од сите претходни години, нешто кое што е во насока на привлекување на туристи и посетители во градот или ова се некои мерки, кои што, индиректно значат поддршка на младите луѓе и мерки кои што, на некој начин, се во насока на поддршката на младите луѓе.
Но, она што го правиме е како директна поддршка на младите луѓе, е преку програмите за образование, тука исто така за прв пат дававме директна финансиска поддршка, за секој матурант во градот, воведовме директна финансиска поддршка за сите прво одделенчиња, од оваа учебна година, сите основци и средношколци ќе добијат за прв пат училишна униформа. Веќе работиме, на целокупната оваа јавна набавка и јас очекувам, како што кажав во текот на месец септември, да биде доставено до сите ученици.
Исто така од оваа година, воведуваме нова мерка, а тоа е секој, оној кој што ќе одлучи, основец да го продолжи своето средно образование во нашето средно општинско училиште, ќе добие финансиска поддршка од 2.000 денари, во насока да си ги задржиме младите. Оваа мерка дава резултат пред да започне да се имплементира. Минатата година бројката на запишани ученици, беше некаде околу 110, а оваа година околу 190 запишани средношколциодлучиле тука да го продолжат својот образовен процес.”
Може ли да ни најавите кој ќе нѐ забавува на големиот наш празник на 28 август?
„Покажавме како мала општина, дека имаме и капацитет, но и понуда да се носиме со огранизација на големи културни случувања. Позади нас има убави културни настани од сите жанрови, настани за сите категории на граѓани, но кулминација на сите тие настани, традиционално како и секоја година е во месец август. Па така од 20-22 август ќе се случи, Меѓународниот традиционален фолклорен фестивал и фестивалот на храна - манифестацијата „Шопско село”. На 23 и 24 август музички фестивал 'Joyfest' со групата Суперхикс и Калиопи. На 25 август е 'Македонија во срце те носиме' со повеќе од 12-13 изведувачи од македонската поп и народна сцена. На 28 август, еве ексклузивно за вашиот портал, ќе имаме настап на Давид Темелков, на балканската мега ѕвезда - Северина и настанот ќе го завршиме со Brass Brothers.
Кој е вашиот омилен дел од градот и зошто?
„Многу делови од градот ми се омилени, бидејќи имам една навика, после завршувањето на секој работен ден, лично си правам обиколка, буквално секое едно делче, на територија на Општина Крива Паланка. Сакам да имам јасна слика и увид на се она што се случува, во градот, но она ако можам нешто да го оддвојам како омилено и убаво е нешто што е впечатливо за нашиот град во последните неколку години, нешто што е нова лична карта на градот, нешто по кое што сме препознатливи, но и сериозно му даде нов дух, нова енергија на градот, а тоа е градскиот плоштад и градскиот парк. Нешто кое што навистина гледам дека и граѓаните ги прави среќни, ги прави задоволни, мислам дека ние со културното лето со културната програма, што ја понудивме во комбинација со новиот градски плоштад и градски парк, навистина, направивме едно катче, во кое што буквално градот ни живее, а луѓето се среќни и задоволни.”
Кои се вашите омилени активности и хобија надвор од политиката?
„Во претходниот период, пред да влезам во политиката, имав многу хобија и времето ми дозволуваше. Работните обврски ми дозволуваа, делот од слободно време да го посветам на одредено хоби. За жал, во изминативе две ипол години со целокупната одговорност која што ја носам со целокупната тежина на самата позиција, времето е се помалку дозволено, односно лимитирано, ограничено за да дозволи одредено хоби, но во претходниот период, многу често возев велосипед, многу често со другарите игравме и спортувавме на спортскиот терен ’Мал фудбал' . За жал во последните две ипол години, речиси сето ова е сведено на минимум.”
Како го балансирате вашиот професионален и личен живот, особено со оглед на одговорностите што ги имате како градоначалник?
„Многу тешко. Многу тешко од причина што, сосема искрено речиси и да не постои слободно време за приватен живот. Градоначалничката позиција, е позиција која што, нема работно време, нема правила и тука ако сакате, резултат, а како велат 'Успехот не е случајност' , мора да се посветите од утро до вечер. Тоа е нешто кое што го правев, во изминативе две ипол години, нешто што го правам секој ден и за жал во една таква ситуација, единствена жртва во целата таа ситуација е најблиските и фамилијата, која што навистина многу малку, речиси во текот на неделата дали 2-3 часа имаме време да се видиме и да се посветиме на фамилијата и тоа е нешто што навистина е хендикеп на оваа позиција, верувам не само кај мене, туку и кај сите други носители на јавните позиции, дека ги имаат сите овие слични проблеми.”
Дали имате некој совет за младите кои сонуваат да станат лидери, како Вас, во нивните заедници?
„Јас имам една, можеби моја лична девиза, но и еве на многуте средби кои што ги правам со младите луѓе, го давам како совет, затоа што верувам дека и тоа можеби е клучот на успехот кај мене и во приватниот, но сега и во професионалниот живот, прво и основно е да се сака работата што ја работиш, втората работа за да ја сакаш работата, мора да бидеш посветен на самата работа и никогаш да не се откажуваш, никогаш без разлика на сите тие препреки, без разлика на сите потешкотии, во исполнувањето на сите цели. Секогаш да се биде упорен и да се биде доследен, затоа што само упорноста, во комбинација со енергијата која што ќе ја посветиш е клучот за успех.”
Кој е највредниот совет што сте го добиле и од кого?
„Највредниот совет, кој што го имам добиено е од еден мој пријател, кој што при една ситуација, пред изборот на оваа позиција ми рече: 'Што и да правиш, прави го искрено и не очекувај дека од некого ќе добиеш благодарам. Само едно знај, дека резултатите, делата, ќе бидат оставени позади тебе и ти на тоа да бидеш горд.' И верувајте тоа е нешто што, во изминативе две ипол години, секојдневно го сретнувам низ практични примери низ нашата работа, кога одредени луѓе имаат реакција и очекувањата им биле едно, а па сега разочарувањата им се сосема друго и во една таква ситуација, многу тешко можеш да дојдеш до објаснување и до оправдување.
Кои книги, филмови или музика ве инспирираа и влијаеа врз Вашиот живот?
„Читањето на книги е најубава работа, која ти го полни умот, ти дава совети, ти дава мудрост, ти дава насоки во многу животни дилеми, кои одлуки да ги донесеш. За жал, во последниот период, се помалку имам време за читање на книги, иако искрено многу сакам. Во најтешките денови, кога имам тешки работни денови, многу пати ми доаѓа на ум: 'Ми треба книга, за да си го најдам мирот, за да си го најдам спокојот'. Ама еве, на некој начин како што кажав, самите обврски не дозволуваат, нели време за да се посвети на читање на книги, иако тоа не е оправдување. Во однос на музика, сакам да слушам македонска музика, музика која што за жал ние квалитетна македонска музика. Ние живеевме и растевме во едно друго време, кога македонската музика ги имаше и најубавите свои денови, затоа што јас тврдам дека Македонија има многу таленти, кои што во годините наназад знаеле да направат навистина ремек дела и затоа ми е омилена.
Како би сакале да бидете запаметен од младите генерации?
„Јас верувам дека во изминативе две ипол години, со сето она што го понудивме како локална власт, вклучително, лично јас што го понудив низ мојата работа, верувам дека веќе правиме сериозна разлика од сите години претходно со начиот на функционирањето на самата општина, верувам дека дадената доверба што ја добив од граѓаните пред две ипол години дека до денеска е истата е исполнета. Верувам дека граѓаните се среќни и задоволни од сето она што го сработивме во изминативе две ипол години. Јас она кое што и верувам дека така и перцепцијата во јавноста, дека во оваа приказна влегов сосема искрено, влегов во оваа приказна за да дадам се од себе и тоа го правам секој ден и верувам дека баш по тоа луѓето, граѓаните, младите ќе го паметат овој период. Оваа година и половина што преостанува до завршувањето на мојот градоначалнички мандат ќе биде во разубавување на градот, во понуда, која што ја прави различна Крива Паланка од сите останати општини и мене веќе ми е навистина мило што Крива Паланка ја споредуваат и се почесто ја нарекуваат, главен град во државата.”
Никола Митовски