×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Се кројат советничките листи – имињата сè уште тајна

    13.08.2025 15:49 | KumanovoNews

    Адвокати, лекари, правници, економисти, архитекти и професори се меѓу кандидатите на советничките листи на партиите и независните кандидати, кои на претстојните локални избори во Куманово ќе ја бараат поддршката на гласачите.

    Се кројат советничките листи – имињата сè уште тајна

    Иако составот е речиси готов, повеќето партии сè уште не ги откриваат имињата, уверувајќи дека избрале најдобри кандидати за победа.

    ВМРО-ДПМНЕ ќе ја промовира својата листа најдоцна до крајот на месецот, откако ќе ја усвои Извршниот комитет. Претседателот Бобан Николовски, вели дека листата е составена од докажани професионалци од сите области на урбаното живеење, со акцент на правници кои ќе ја контролираат работата на Советот, комисиите и градоначалникот. Неофицијално, носител ќе биде адвокатот Владимир Михајловски.

    „Направивме победничка листа. Од прв до последен се луѓе кои се докажани во својата работа. Акцент е ставен на правници - легалисти, останатите се економисти, архитект, сообраќаен инжинер, лекари, луѓе од образованието. Имаме сеопфатна листа, со која ќе ја бараме довербата на граѓаните“, вели Николовски.

    Демократската партија на Србите во Македонија - ДПСМ на овие избори ќе настапи самостојно. Мирослав Тричковиќ член на извршниот одбор најавува промоција по 18 август. Неофицијално, првите три места ќе бидат резервирани за лекари.

    „Листата ќе ја сочинуваат угледни граѓани, особено оние кои придонеле за градењето на братските односи меѓу македонскиот и српскиот народ, како и помеѓу двете земји воопшто“ , изјави Тричковиќ. 

    СДСМ ќе ја утврди и промовира листата на Општинската конференција во втората половина на август. Кандидатот за градоначалник и претседател на Општинската организација, Мартин Костовски, вели дека ќе понудат спој на младост и искуство. Листата ќе се надополни со коалиционите партнери, а најверојатно носителка ќе биде жена.

    „Спој на двете енергии поткрепени со континуитет. Ќе се запази родовата избалансираност, над 30 отсто ќе бидат млади луѓе. Тоа се луѓе кои се признаени во своите средини , професионалци. Ќе се даде шанса и на луѓе кои не биле вклучени во политиката. Ние ќе ја имаме победничката листа“, кажа Костовски.

    Независната група граѓани на кандидатот за градоначалник Горан Стојковски - Диро ќе ја предводи стоматологот Иван Петковски, а тимот, според нив, е составен од стручни, компетентни и интегритетни луѓе, подготвени да работат во интерес на граѓаните.

    ЗНАМ сè уште ја подготвува листата, која се финализира по внатрепартиската постапка и анкета за јавното мислење. Претседателот Даниел Стојчевски вели дека ќе предложат „најквалитетна листа“, а неофицијално, носителка ќе биде актуелната претседателка на Советот, Ивана Ѓорѓиевска.

    „Имаме одлични кандидати, авторитети во своите средини. Луѓе кои имаат желба и мотив да работат во интерес на граѓаните“, вели Стојчевски.

    Левица најавува промоција на кандидатот за градоначалник и носителот на советничката листа до крајот на месецот. Портпаролот Амар Мециновиќ очекува зголемен број на советнички места и најавува кампања „каква Македонија досега не видела“ во поглед на политичкиот маркетинг.

    „Листата е готова. Имаме добар кадровски и програмски пакет за граѓаните на Куманово“, вели Мециновиќ . 

    И додека официјалните листи сè уште не се објавени, во градот веќе кружат разни шпекулации и комбинации за идните советници.

    Првиот круг за избор на градоначалници и членови на советите на 80 општини и на градот Скопје ќе се одржи на 19 октомври, додека  вториот круг од изборите за градоначалници треба да се одржи на 2 ноември, во единиците на локалната самоуправа во кои изборите нема да завршат во првиот круг.