Се отстрануваат времените објекти на „Доне Божинов“ за изградба на кружен тек
Започна отстранувањето на времените објекти на улицата „Доне Божинов“, заради изградба на кружен тек на раскрсницата со „Октомвриска револуција“ во Куманово.

Отстранувањето го врши фирма ангажирана од Општина Куманово, откако со одлука на Владата објектите беа пренесени во сопственост на општината. Овие два објекти досега ја одложуваа реализацијата на проектот.
„Двата објекти беа на Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор и тоа беше главната кочница, бидејќи претпријатието немаше средства за нивна дислокација. Побаравме Владата да ги отстапи на Општина Куманово и постапката траеше два месеца,“ изјави градоначалникот Максим Димитриевски.
Со решавањето на имотно-правните односи и експропријацијата, создадени се услови до крајот на месецот да започнат градежните работи. Според најавите, тие ќе стартуваат кога ќе се намали сообраќајниот метеж, по заминувањето на дел од иселениците кои моментално се во Куманово.
Паралелно, во тек се активности за пробивање на крак од улицата „Октомвриска револуција“.
Изградбата на новиот кружен тек, вреден 22,6 милиони денари (367.500 евра), ќе ја изведува фирмата „КООП Инженеринг“ од Куманово, избрана на тендер во декември минатата година.