Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во Основниот суд во Куманово денеска беше одложен почетокот на судењето против градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, кој е обвинет за злоупотреба на службена положба и овластување.
Главната расправа беше одложена на барање на одбраната на Димитриевски, откако јавниот обвинител измени дел од обвинителниот предлог и достави нови докази.
Според обвинението, Димитриевски од април 2023 година како градоначалник на Општина Куманово не ја извршувал својата службена должност и не го потпишал решението за градба и пресметката за надомест за уредување на градежно земјиште, и со тоа ги оштетил правните лица „УПМ-ГРУП“ и „Хромак-Емил“ од Куманово. Иако биле исполнети сите законски услови за градење, тој не го потпишал одобрението, туку на 6 јуни 2023 година донел Одлука за суспензија на ДУП-от во планскиот опфат за кој било поднесено барањето за градба и Одлука за отпочнување на изработка на нов ДУП. Барателите ги известил дека пресметката не може да им биде издадена. Оштетените повеле управен спор и Управниот суд донел пресуда во нивна корист, со што Димитриевски го задолжил да изработи пресметка, но тој не го сторил тоа и им нанел штета од 3.3 милиони денари.
„Со тоа Максим Димитриевки сторил едно кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување од чл.353 ст.4б.б.ст.1 од КЗ“, стои во обвинението.
Димитриевски кажа дека обвинението е монтирано со цел да му се наруши угледот и да се дискредитира пред изборите.
„Нити сум спречил, ниту имам намера да спречам спротивно на закон некој да гради згради, висококатници, но кога се работи за интерес на училишта или здравствен објект, тоа е јавен интерес и јас сум должен да го штитам. Оваа фарса е во контекст на изборите. Во континуитет се случуваат вакви нарачки од носители на високи политички функции на власта, или во конкретниот случај луѓе од високи позиции на СДСМ кои ги злоупотребуваат институциите на системот“, кажа Димитриевски.
Бобан Спасовски, сопственик на компанијата „УПМ-ГРУП“, кој поднесе кривична пријава, вели дека наместо Димитриевски да изигрува „жртва“ треба да ги почитува одлуките на надлежните институции и на повисоките судови.
„Оваа борба трае повеќе од две години пред македонските институции. Имаме одлуки на Уставниот и Управниот суд, Министерството за транспорт и врски. ДУП-от е донесен во декември 2021 година на негов предлог од истиот Совет, но откако дозна дека ние имаме градежни парцели го суспендираше и тогаш почнуваат проблемите и опструкциите. Прво не сакаше да продолжи постапката, па донесе одлука на Совет, која му ја поништи Уставниот суд. Тој се става над законот, а не ја познава материјата за урбанизам. Ние сме обесправени само затоа што не размислуваме како него“, вели Спасовски.
Тој вели дека штетата во оваа и други постапки со кои се попречува градењето на зградата е околу 2 милиони евра, кои ќе ги платат граѓаните.
Новото рочиште е закажано на 30 април, откако одбраната на Димитриевски кажа дека тој е зафатен во изборната кампања за претседател како кандидат на партијата ЗНАМ.