×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • СЕ ВРАТИЛА ОД НОВ ЗЕЛАНД И ОТВОРИЛА СТУДИО ЗА КУЧИЊА: Јована Јовановска е признаена грумерка во Куманово (видео)

    12.08.2023 11:00 | Оливера Пешевска

    Јована Јовановска (35) од Куманово после 20 години поминати во Нов Зеланд се вратила во родниот град и отворила фризерско студио за кучиња. За оваа необична професија ја врзува нејзиното факултетско образование и посветеноста на животните, но и  работата во салон за разубавување и дотерување на кучиња во далечната островска земја каде го усовршила занаетот. 

    По враќањето во Куманово, најпрвин мислела да почне да работи како фризерка за кучиња од хоби, бидејќи не верувала дека ќе има ќе има толку клиенти за да и стане тоа редовна професија. Но, поради големиот интерес за средување на миленичињата, многу бргу започнала да работи со цело работно време и веднаш се регистрирала како занаетчија кој легално ја врши својата дејност.  

    „Побарувачката за една ваква услуга пропорционално расне како се зголемува бројот на миленичиња во домовите на кумановци. Занимањето „грумер“ е се попопуларен и во Македонија, а овој збор е непреведен израз од англиски,одомаќинен и кај нас,затоа што нема соодветен назив на македонски јазик. Работата се состои во капење,потстрижување на кучињата, средување на ноктите,вадење на влакната од ушите и некои слични интервенции“, вели оваа млада кумановка со необично занимање.

    Во Нов Зеланд каде со семејството се преселила на 15-годишна возраст во 2003 година, Јована завршила два факултети- менаџмент на животни како прв избор, а вториот зоологија и екологија што се логични избори за една љубителка на животните, борец за заштита на напуштени и злоставувани кучиња и мачки и вљубеничка во природата воопшто.

    „Факултетите што ги завршив таму ги нема во Македонија. Менаџментот подразбира  дека можеш да работиш во било која институција која вклучува животни и тоа од пет шопови,  преку ветеринарни амбуланти,здруженија за заштита на животни до зоолошки градини. На факултетот се учи од анатомија и физиологија на специфични видови на животните, до бизнис моделите на раководење. Зоологијата, пак, се занимава со проучување на животните во нивните природни живеалишта, како и за надворешните фактори влијаат на популацијата на стадата или колониите на инсектите и промените што се случуваат во самите животински групи“, објаснува Јовановска.

    Иако, задолжителното учење преку работа, што се практикува во странство, сакала  да го спроведе во ветринарна амбуланта, сепак близината на факултетот до еден салон за разубавување и дотерување на кучиња било пресудно за нејзиното денешно занимање.

    „Се почнува класично, како и кај нас, како чирак. Започнуваш со капење на кутрињата, правиш украсни машнички, чистење на четките и останатиот прибор, ги метеш влакната по шишањето, но во меѓувреме цело време вработените ти покажуваат и го учиш занаетот. Таму научив да ги шишам, дотерувам и третирам кучињата. Ми се допадна работата, па останав да работам во салонот и откако дипломирав. Кога се вратив во Куманово, пак, самата си отворив салон и почнав самостојно да работам“, вели Јована.

    Сега веќе има редовни муштерии, кои доаѓаат на одреден период, зависно од потребата. Некои раси мора да се средуваат најчесто на 5 недели, оние со долги влакна на крзното на секои 2 месеци. Кратковлакнестите кутриња, пак,  не се шишаат туку доаѓаат на капење, средување и дотерување.  Вели дека за кучињата најтрауматично е сечењето на ноктите и чистењето на ушите.

    „Сечењето нокти не е болно, но поради нивната цврстина се предизвикуваат погласни звуци од грицкалката, што  знае да ги исплаши и вознемири. Кога се работи за чистење на ушите ,пак, се чистат ушните канали од влакна. Тие знаат да враснат и треба да се искубат, не постои друг начин и тоа ги боли. Кога кутрето не дава да му ги извадам влакната, тогаш ги праќам на ветеринар, па неретко и со анестезија се изведува процесот. Влакната во ушите задржуваат вода и во комбинација со топлата средина во каналот можат да предизвикаат инфекција на увото и комликации кои подоцна потешко се третираат. Затоа се неопходни ваквите средувања на кучињата“, објаснува со ентузијазам младата грумерка.

    Кутрињата најчесто со радост влегуваат во студиото и сакаат да доаѓаат, но Јована посочува дека има и такви кои „кочат“ пред влезот и уплашено влегуваат. Тоа се оние кои се премногу заштитени, чувани дома и кои не се изнесуваат на прошетки. Тие се несоцијализирани кутриња во најголем број случаи, кои немале контакт со други миленичиња или пак со луѓе.

    „Кучето не стапнало на трева, на бетон, на земја, ги носат во раце и кога ќе ги доведат тука тие се целосно збунети и исплашени. Животното тука го чувствува мирисот на другите кои сум ги третирала. И студиото е страшно искуство за нив - шушти вода, сушење со фен, звукот на машинката за шишање...Тоа се гласни или непознати звуци за нив, па знаат да се исплашат и да не сакаат да влезат или да дозволат да се третираат“, објаснува Јована.

    Таа работи напорно и за секое животно има отворен картон во кој запишува дали кутрето има некои хронични болести-епилепсија, проблеми со срцето, артритични болки, исто како луѓето. Затоа, најмногу и смета нелојалната конкуренција или луѓето кои го работат овој занает дома, без да ги плаќаат потребните давачки на државата.

    „Работам сама и ако имам закажано термини морам да ги одржам, имам одговорност кон клиентите и нивните миленици. Но, барам одговорност и од клиентите, да се почитуваат термините, зашто секое задоцнување или недоаѓање на термин повлекува проблеми кои цел ден не можам да ги разрешам. Тоа се ситуации со кои се соочува секој кој работи на точно закажани термини“, потенцира грумерката Јована.

    Оваа  вљубеничка во животните приватно одгледува мачки. Најстариот периски мачор кој има 18 години си го донела од Нов Зеланд и на шега вели дека е светски патник. Тој веќе не слуша и не гледа, но се уште се држи. Има и обична мачка, која ја нашла на улица. Од кутриња чува кане корсо со педигре и награди, а има и пинч, исто така расно куче, додека другите две се мешанци-загари згрижени од улица. Кутрињата, вели,  се посесивни и иако заедно живеат, спијат, јадат и секојдневно си играат, знаат и да се задеваат, степаат, здават, но најчесто за да и го привлечат вниманието или да се изборат за местото кој најблиску ќе седи до неа.

    Уште од малечка се грижи за напуштени животни и на цуцла има израснато најдени на улица и фрлени новороденчиња, но никогаш не се однесувала како лекар кон нив.

    „Раката си ја научив, занаетот си го знам, но за се она што е посериозно или болест, па било и обична настинка си барам совет и третман од ветеринар. И на клиентите исто им го препорачувам“, истакнува Јовановска.

    За себе вели дека ќе е задоволна со било која работа што е  поврзана со животните. По цел ден е со оние кои ги сака, и на работа, и дома. Сепак, некогаш знае да биде и напорно, и како и секоја друга работа да ти дојде преку глава, бидејќи грумингот или дотерувањето кучиња е работа која бара целосна физичка и психичка концентрација, и внимание. 

    Задоволна е од сегашниот бизнис и засега не бара друга работа. Во слободно време го средува дворот,цвеќињата и ја сака природата.

    „Претпочитам да сум надвор, на воздух. Јас и дечко ми сме релативно „куќни пилиња“, не излегуваме по кафе барови и забави, или преку ден на кафе, избегнуваме гужви. Најубаво ми е дома, со животните и семејството“, децидна е Јована.

    СЕ ВРАТИЛА ОД НОВ ЗЕЛАНД И ОТВОРИЛА СТУДИО ЗА КУЧИЊА: Јована Јовановска е признаена грумерка во Куманово (видео)