Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Повеќе од 30 часа гори смет на депонијата Краста во Куманово.
Надлежните велат дека не постои опасност огнот да се разгори и да ги зафати околните ниви, а непријатната миризба е единствената последица што можат да ја почувствуваат жителите од околните места.
„Вчера цел дена гасневме со нанесување на земја, до доцните вечерни часови, а и денеска интензивно се работи на санирање на жариштето. Освен со наши камиони на помош ни притекоа и неколку приватни фирми од градот, кои равноправно помагаат за што поскоро загушување на огнот. Верувам дека најдоцна до утре целосно ќе биде изгаснат. Единствено што можам во овој момент е да се извинам на граѓаните на Куманово, посебно на месното населението во околината на депонијата“, изјави Ненад Стојановски, директор на ЈП „Чистота и зеленило“.
Чадот е забележан вчера меѓу 4- 5 часот наутро, по што ги алармирале надлежните служби. На терен излегла екипа на ТППЕ Куманово, полицијата и инспектор за животна средина. Направен е увид во состојбата и изработен е записник, а на претпријатието е наложено да се преземат мерки против разгорување и ширење на огнот.
Според индикациите најверојатно не се работи за намерно потпалување, туку огнот се појавил како последица на гасови кои се ослободуваат при разградување на сметот.
Жителите на Пчиња, Студена бара и Вак’в со години реагираат на големото аерозагадување предизвикано од честото горење на Краста. Но, тоа предизвикува и загадување на почвата и небезбедна околина за живот. Селата се познати по производство на градинарски производи.
Минатото лето на Краста се случи голем пожар, по што беше одлучено да се постави видео надзор, да се огради целата површина на депонијата, а беше исчистен и сметот расфлан по патот до депонијата.
Депонијата Краста започнала да функционира во 1958 година, а се протега на површина од 12,5 хектари. Планирано е со отворање на регионалната депонија во Мечкуевци, Свети Николе, таа да стане претоварна станица.
(Фото: архива Кумановоњуз)