×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Со 3 милиони евра од швајцарската влада ќе се реконструира Пречистителната станица за отпадни води во Куманово

    07.08.2025 08:05 | KumanovoNews

    Швајцарската амбасада обезбеди грант од 3 милиони евра за реконструкција на Пречистителната станица за отпадни води во Куманово, која пред 20 години беше изградена со пари на швајцарските граѓани.

     

    Со 3 милиони евра од швајцарската влада ќе се реконструира Пречистителната станица за отпадни води во Куманово

    Градоначалникот Максим Димитриевски и директорот на ЈП „Водовод“ Оливер Стојмановски, минатата недела потпишаа договорот за техничка и финансиска поддршка во рамки на проектот „Отпорни и ефикасни комунални претпријатија во Македонија”. Вкупната вредност на грантот изнесува 7,2 милиони евра, најмногу средства ќе добие Куманово, а поддршка има и за претпријатија во други градови во земјата.

    „Потпишан е договор во износ од 3 милиони евра за реконструкција на Пречистителната сатаница во Доброшане. Дополнително и за енергетска ефикасност во делот на инсталирање на систем за фотоволтаици со проближна моќност од еден мегават. Со тоа ќе се намали потрошувачка на електрична енергија, бидејќи тоа е најголем проблем во претпријатието“, изјави Димитриевски.

    Проектот предвидува ревитализација на целиот процес за прочистување на отпадните води и замена на застарената и амортизирана опрема. Реализацијата на проектот ќе започне на почетокот на наредната година, откако ќе се заврши целата административно-техничка постапка.

    „Најмногу средства ќе се искористат за замена на моторите, вкупно 1,4 милиони евра и 655.000 евра за поставување на фотоволтаици. Целата опрема ќе биде заменета со нова, како што се пумпите, електричната инсталација, процесот за биогас и другото. Со оваа ревитализација процесот на прочистување на отпадните води ќе биде поефикасен, ќе добиеме заштеда на електрична енергија и ќе се намали потрошувачката на хемикалии и средства кои ги дававме за одржување на станицата“, вели директорот на „Водовод“ Стојмановски.

    Со помош на швајцарската амбасада во земјата се изградени осум пречистителни станици  и тоа во Радовиш, Струмица, Кичево, Берово, Прилеп, Битола и Тетово, а првата е во Куманово.

    Врз основа на физибилити студија која била изработена во 2023, било утврдено дека процесот на пречистување на отпадна води на сите станици е со поминат рок со 12 до 15 години, и затоа им е потребен комплетно нов процес на пречистување.

    Пречистителната станица за отпадни води во Куманово е пуштена во употреба во јуни 2005. Изградена е со донација од швајцарската влада во вредност од 10 милиони евра. Располага со капацитет за пречистување на отпадни води од 100.000 жители, со можност за доградба од 150.000 до 200.000 жители. Пречистената вода се пушта во реката Пчиња.

    Со неа стопанисува „Водовод“, кое на годишно ниво троши од 500.000 до 1 милион евра за електрична енергија, што е голема ставка во неговото работење и создава сериозни загуби.  Со години, манаџментот бара државата да го субвенционира работењето на станицата, бидејќи се работи обврска од национален интерес, но попусто.