Со бомбардирањето на Куманово започна Втората светска војна во Југославија
Сe навршуваат 85 години од инвазијата на Германија врз Кралството Југославија, која започна на 6 април 1941 година и го означила почетокот на Втората светска војна во Југославија.
Нападот бил извршен по копнен и воздушен пат од неколку правци. Германски, италијански и унгарски војски навлегле на територијата на Југославија од Италија, Австрија (тогаш дел од Третиот рајх), Унгарија, Романија и Бугарија. Истиот ден, во 6:30 часот, бил бомбардиран и разурнат Белград, но два часа претходно бомби паднале и врз Куманово. Во исто време започнал и германскиот напад на Грција. Војната завршила на 17 април 1941 година со капитулација, окупација и поделба на Југославија.
На 6 април Германците двапати го бомбардирале Куманово. Во раните утрински часови, меѓу 4:30 и 5:00 часот, со 17 авиони „Месершмит Ме-109“ и еден разорувач „Ме-110“ го нападнале аеродромот „Режановска коса“, каде што бил сместен резервниот аеродром. Авионите долетале од правецот Нагоричане–Страцин.
Претпладнето, додека се водела воздушна борба, германските авиони ја бомбардирале Железничката станица, односно нејзината околина и железничката пруга, додека станичната зграда не била директно погодена.
Бомби паѓале и врз самиот град. Попладнето, околу 16:00 часот, биле бомбардирани и други објекти во центарот. Била урната покривната конструкција на зградата на општината, имало експлозии кај основното училиште, новата црква, во близина на старата гимназија, кај воената пекарница, околу поштата, како и над добиточниот пазар, каде што се наоѓале магазините на Проевскиот сокак. Имало и цивилни жртви, а загинале и 15 војници кои се наоѓале на позиции во близина на старата воена болница (Средорек).

На Споменикот на авијатичарите, кој се наоѓа на улицата „Никола Тесла“, се испишани имињата на 15 пилоти кои на 6 април 1941 година ги дале своите животи во воздушни борби против германско-фашистичкиот агресор. Во нападите имало и цивилни жртви.
Филип Ѓошевски