Со новиот закон, граѓаните ќе можат кај матичен лекар да потпишат изјава за дарување органи
Граѓаните ќе можат кај својот матичен лекар да потпишат изјава за согласност за органдарителство, е една од измените на предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за земање и пресадување на делови од човечкото тело заради лекување, кој од денес е достапен на Електронскиот национален регистар на прописи (ЕНЕР).
Од Министерството за здравство велат, дека од досегашната примена на законот произлегла потребата да се направат измени и дополнувања во насока на проширување на кругот на лица кои можат да бидат живи дарители на органи. Со олеснување и измена на административните постапки ќе се овозможи секој граѓанин со изјава кај својот матичен лекар да се определи за потенцијален донор на органи по смртта.
„Ова е уште еден чекор во насока на подигнување на јавната свесност за значењето на органдонорството, како највисок акт на човекољубие со кој се спасуваат човечки животи. Целта е волјата на граѓанинот да биде примарна, системот да биде потранспарентен и подоверлив, а личната одлука да се врати таму каде што ѝ е местото – кај самиот човек“, појаснува министерот Алиу.
Предвидено е и воведување национална листа која ја води Министерството за здравство во „Националниот систем за електронски евиденции во здравството“, како и други административно-технички доуредувања на законскиот текст, информираат од Министерството.