Мени

Избрани новите членови на управните и надзорните одбори во јавните претпријатија

05.05.2026 10:51 | Сузана Николиќ

На последната седница на Советот на Општина Куманово беа избрани членовите кои ќе раководат и ќе го контролираат финансиското работење на јавните претпријатија во градот.

 

Избрани новите членови на управните и надзорните одбори во јавните претпријатија

Од оваа година за првпат изборот на членовите на управните и надзорните одбори се вршеше преку јавен оглас, но според составот на избраните, впечаток е дека сепак најголема предност имала партиската припадност.

Заменик-претседателката на Комисијата за избор, Фросина Краљевска, изјави дека јавниот повик бил објавен двапати поради слаб интерес, а во дел од јавните претпријатија не се пополнети сите места поради недоволен број пријавени кандидати.

Особено проблематично било пополнувањето на надзорните одбори, каде кандидатите требало да имаат образование од економски или правни науки, како и познавања од дејноста на претпријатието.

„Ние биравме луѓе според нивната стручност, работно искуство и соодветно образование. Националноста не беше клучна за изборот. Како комисија не можеме да влијаеме кој ќе се пријави, туку само да утврдиме дали ги исполнуваат условите. Селекцијата беше направена објективно од предложените кандидатите кои денеска ви ги доставуваме“, рече Краљевска.

Според приложените биографии, меѓу избраните има пензионери, наставници, професори, правници, адвокати, економисти и вработени во јавни претпријатија, но и лица кои немаат директна поврзаност со дејноста во која се именувани.

Советникот од „За Куманово“, Иван Петковски, реагираше дека биографиите на кандидатите првично воопшто не биле доставени, а по негова интервенција им биле пратени во скратена форма.

„Не можеме прво да утврдиме дали овие луѓе ги исполнуваат законските услови за да бидат на овие одговорни функции. Од доставените податоци можеме да видиме дека имаме дипломиран криминалист во „Пазариште“, магистер по безбедност на храна и професор по книжевност во „Куманово-паркинг“, магистер по јавно здравје и вработен во Затвор Куманово  во „Куманово - план“... Јасно е зошто е така - 35 години управните одбори се ветена земја за заштитени партиски кадри. Кумови, кумашини, не избрани советници, шуро-баџанаци. 35 години ги третираме како платен список за заслужни партиски кадри, луѓе кои заслужиле се, но не се со квалификации за овие места. Можеби затоа претпријатијата ни се во таква состојба. Управите одбори се легло на непотизам и партизација“, кажа Петковски пред советниците, и најави дека нема да ги гласа предложените кандидати.

Тој додаде дека ваквата практика ги одвраќа стручните кадри од пријавување на огласите, што, според него, е и причината за слабиот интерес.

„Партиските кадри служат само да ги аминуваат одлуките на директорите – тендери, вработувања и други одлуки. Знам дека нема да ве убедам да не ги гласате, но ќе ве потсетам дека во предизборната кампања сите до еден ветувавте транспарентност и отчетност. Со ова се враќаме на старите лоши практики“, истакна Петковски.

Тој нагласи дека меѓу предложените има и квалитетни професионалци, но неговите забелешки се однесуваат на оние кои, како што рече, се поставени по партиска линија и ќе бидат само машина за гласање. 

На седницата од членови на Надзорен одбор во Домот за стари лица „Зафир Сајто“ беа разрешени на нивно барање Гордана Николиќ и Мартин Наковски,  а на нивно место се именувани  Дарко Бошковски, економист и Зоран Младоновски, професор по физичка култура.

„Луѓе кои само пред неколку седници ги избравме за членови за Надзорниот одбор веќе се откажуваат. Значи сватиле со кого имаат работа и си заминуваат. Затоа и имаме недостаток на кандидати за одборите, бидејќи ние колку и да се трудиме како опозиција да дадеме некои насоки и да укажеме дека не се работи добро, општината не прифаќа. Кога во град од 100.000 луѓе не можеме да најдеме 60-тина кои ќе ги пополнат местата, имаме сериозен проблем во довербата во институциите“, кажа советникот Томица Илиќ од СДСМ.

Советниците од ДУИ ја напуштија седницата за време на расправата по оваа точка, изразувајќи незадоволство од застапеноста на Албанците. Според нив, од над 50 именувања, само петмина се припадници на албанската заедница.

И покрај критиките, мнозинството во Советот ги поддржа предлозите и ги избра новите членови на управните и надзорните одбори.

Членови во новиот Управен одбор на ЈП „Водовод“ се: Цветанка Ивановска, дипломиран машински инженер, вработена во ЈП „Чистота и зеленило“, Арменд Ајрулаи, дипломиран економист, Анита Серафимовиќ – Стојковска, одделенска настава, Зора Саздовска, Филозофски факултет, насока психилогија и Факултет за туризам и менаџмент, насока менаџмент на човекови ресурси, Стојча Симоновиќ, дипломиран машински инженер вработен во АД ФЗЦ „11 Октомври“,  Жарко Денковски – дипломиран правник пензионер, Емилија Серчевска, финансиски менаџмент, вработена во СОУ „Перо Наков“.

Надзорен одбор: Саше Алексовски , магистер по технички науки ,вработен во „Жикол“ Струмица, Андријана Ивановска Спасиќ - магистер по право од област на казнено право, вработена во Министерство за финансии - Управа за имотно правни работи во Куманово.

Во ЈП „Чистота и зеленило“ во Управниот одбор се: Гордица Бошковска – дипломиран правник, пензионерка,  Теута Реџепи - Сабедини, дипломиран правник вработена во Агенција за вработување, Весна Темелковска, шумарски инженер, вработена во ЈП „Македонски шуми“,  Елена Тасиќ, одделенска настава, вработена во ООУ Христијан Карпош, Војислав Јанковиќ, професор по ОНО, пензионер, Бобан Кипријановски, специјалист по безбедносно инженерство, вработен приватна компанија и Наташа Јакимовска – област финансиско работење - вработена во Централна Кооперативна банка АД Скопје. 

Надзорен одбор: Анета Меxанджијска – дипломиран правник на Правен факултет „Јустинијан Први“.

Во ЈП „Пазаришта“  во Управен одбор се: Милован Станковиќ,  Земјоделски факултет, Скопје, пензионер, Ацо Божиновски, дипломиран економист и професор по македонски јазик и книжевност, Бесник Азири,  дипломиран правник, Маја Андоновска Додевска, дипломиран криминалист, Дајана Манчиќ,  адвокатка.

Надзорен одбор: Искра Чугунцалиева,  дипломиран економист, насока финансиско-сметководствен менаџмент и Биљана Јовчевска,  Земјоделски факултет Скопје.

ЈП „Куманово – паркинг“ , Управен одбор: Тамара Стојановиќ,  магистер по право , вработена во Управа за извршување на санкциите – Министерство за правда, Мухамед Ќерими, дипломиран машински инженер, наставник по стручни предмети, Тони Митровски, магистер по безбедност на храна, вработен во ПЗУ, Ирена Марковска Димитриевска,  дипломиран правник, вработена во ЈП „Чистота и зеленило“, Александра Кипријановска, дипломиран економост и  Елизабета Станковска, професор по македонска книжевност. 

Надзорен одбор Живка Величковска дипломирана економистка,  пензионерка.

Јавно претрпијатие „Куманово – гас  “ Куманово Управен одбор: Сашо Антиќ, дипломиран инжинер по електортехника, професор по електро група на едмети, Миодраг Петрушевиќ, дипломиран економист, вработен во Агенција за остварување на правата на заедниците, Глорија Спасовска, магистер инженер-архитект, вработена во ЈП „Куманово-план“-Куманово,  Срѓан Милевски, дипломиран машински инженер, вработен во Агенција за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, Биљана Павловска, економист, банкарско работење и Меметаки Реџепи, дипломиран економист вработен во  Државен инспекторат за локална самоуправа.

Надзорен одбор: Милован Стојковски, Машински факултет во Скопје, пензионер и Бобан Стојановски, дипломиран правник, вработен во адвокатска канцеларија.

Јавно претрпијатие „Куманово – план“ Куманово Управен одбор: Надица Младеновска, економист,  Жељко Максимовски, дипломиран правник, вработен во адвокатска канцеларија,  Роберт Величковски, магистер по јавно здравје, Александар Стојановски, вработен во КПУ „Затвор Куманово“,  Маја Томовска, дипломиран правник вработена во Адвокатска канцеларија, Елена Славковска, дипломиран наставник по англски јазик, вработена во „Киро Бурназ“ и Драгана Тасевска Петковска, Факултет а електротехника и информациски технологии.

Надзорен одбор: Сузана Алексовска – дипломиран правник,  вработена во Централен регистар, Даница Алексовска , дипломиран екномист вработена во Сметководствено биро. 

Во Фондацијата за култура и спорт во Управниот одбор се: Мирјана Крстевска - Јовановиќ, Филолошки факултет, Сандрина Арсовска - Јовановски, дипломиран економист, Милена Арсовска, дипломиран педагог - отсек графика на ФЛУ, Симона Тоскиќ, драмска уметност, Бурим Рамадани, музичка уметност, Валентина Јовановска, професор по ликовна уметност и Надица Петковиќ, етнолог во Музеј Куманово.