Средношколци од Куманово и Тиват заедно на проектот „Глас на младите од Балканот“
Гимназијата „Гоце Делчев“ од Куманово и Средното училиште „Младост“ од Тиват, Црна Гора, заеднички работат на проектот „Глас на младите од Балканот“, кој се реализира во рамки на мрежата на средни училишта од Западен Балкан.
Првиот дел од проектните активности се одржаa во последната недела од ноември, кога група од 15 ученици и двајца наставници од кумановската гимназија беа во посета на своите врсници во Тиват.
Координатори на проектот се наставниците Лидија Тасевска и Далибор Димковски.
„Привилегија е што нашето училиште беше избрано за „Суперучилиште“ во рамки на мрежата на средни училишта од Западен Балкан. Придобивките од ваквите проекти се навистина големи, пред сè поради поттикнувањето на младинскиот активизам и регионалната соработка. Називот на нашиот проект „Глас на младите од Балканот“ е симболичен и ја покажува важноста на поврзувањето на младите преку креативни работилници и настани, ослободување од предрасуди и промовирање на духот на заедништвото и сплотеноста“, истакна координаторката Тасевска.
За време на размената, учениците учествуваа во работилници за запознавање, финансиска писменост, личен и групен идентитет, како и во спортски активности. Ги посетија и Младинскиот културен центар и Градскиот музеј, а имаа можност да ја разгледаат и прекрасната околина на Тиват, вклучително и прошетка со брод низ живописниот залив Бока Которска.
Проектот е целосно поддржан од Регионалната канцеларија за младинска соработка – RYCO.