Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во основното училиште „Кирил и Методиј“ во Романовце во Куманово, е потврден случај на заразен ученик од шуга.
Детето се наоѓа во домашен карантин, заедно со неговата сестра, која е ученичка во трето одделение, како и целото семејство. Во училиштето има уште три сомнителни случаи, кои од петокот не доаѓаат на училиште, но за нив се уште не е добиена потврда од лекар дека се заразени.
„Има само еден потврден случај на шуга, за другите ученици сме предупредени усмено, и тие случаи се изолирани, си седат дома. Една е сестра на заболеното прваче, ученичка во трето одделение. За уште два случаи дополнително, ама немаме потврда, онака дознавме дека имаат шуга, во петок не дошле на училиште. Потврдениот случај е во изолација до 22 февруари, со целата фамилија дома“, информираше директорот Скендер Рушити.
Надлежните веднаш по добиената потврда ги презеле сите неопходни и итни мерки кои ги налага ситуацијата, го пријавиле случајот во Центарот за јавно здравје и Сектор за образование на Општина Куманово.
„Во петок пријавивме во Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ), а презедовме и санитарно- хигиенски мерки- целосно се исчистени сите училници, сите простории се дезинфецирани. Денеска не посети и докторка епидемилог од ЦЈЗ, со која разговаравме. Од сега натаму ќе постапуваме по насоките на ЦЈЗ“, додава директорот.
Како дополнителна мерка училиштето, заедно со наставничката по биологија организирало и час за инфективни болести, па сите деца се запознаени со болеста.
Според негово сознание ова е прв случај на шуга во училиштето.
Шуга е заразна инфестинација на кожата, а симптомите се силно изразен јадеж и карактеристични кожни промени. Таа е една од трите најчести заболувања на кожата кај децата, кои бргу се шират преку блиски контакти.