Ученички од „Перо Наков“ во топ 50 со апликација што им помага на младите – наградата е милион денари
Шест ученички од Средното општинско училиште „Перо Наков“ од Куманово влегоа меѓу најдобрите 50 тимови во земјата на натпреварот „Средношколец милионер“, благодарение на нивната оригинална идеја – апликацијата MindMap, наменета за анонимно споделување проблеми на младите.
Тимот што го сочинуваат Ивона Липковска, Маја Стојмановска, Сара Младеновска, Ивана Ангеловска, Ања Тасковска и Миа Лазаревска, изработи апликација која нуди безбедна заедница за поддршка меѓу врсници, како и пристап до едукативни видеа и совети од професионални психолози. Целта е да се подобри менталното здравје на младите и да се создаде место каде што секој глас е слушнат и разбран.
„Се одлучивме за оваа идеја затоа што забележавме дека многу млади луѓе се чувствуваат осамено и неразбрано, и ретко имаат можност да зборуваат отворено за своите проблеми. Сакавме да создадеме безбедно и пријателско место каде никој нема да биде осудуван, туку поддржан. За натпреварот не инспирираше желбата да направиме нешто што навистина има значење. Денес многу млади се чувствуваат сами, под притисок или без некој што ќе ги сослуша. Сакавме нашата идеја да покаже дека технологијата не мора да биде само за забава — таа може да биде и начин да се поврземе, да си помогнеме и да создадеме подобра заедница,“ велат средношколките и додаваат:
„Остануваат уште 4 дена до полуфиналето – секој глас е важен. Сите кои сакаат да ја поддржат нaшата идеја можат да гласаат на официјалниот линк на натпреварот“.
„Средношколец милионер“ е најголемиот натпревар од ваков тип во Македонија, организиран од Академиите за талентирани средношколци и „Бреинстер Некст колеџ“. Главната награда изнесува 1.000.000 денари, а право на учество имаат сите активни средношколци на возраст од 14 до 19 години од целата држава, без разлика дали се од државни или приватни училишта. Идеите на учесниците се објавени на веб-страницата milioner.mk, каде што секој може да гласа и да даде поддршка за своите фаворити. На натпреварот се пријавени 450 учесници.

