Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Од саботата попладне затворена е за сообраќај улицата Илинденска во центарот на Куманово, затоа што силен ветер откорна лим од кровна конструкција на зграда и го закачи во високите дрвја, поради што постои опасност да падне и да повреди некој. Местото е обележано со ленти и го обезбедува полицијата.
Според очевидци, лимот од покривот на зградата на стамбениот комплекс „Гарнизон“ се откачил во саботата околу 16 часот под налет на силниот ветер во невремето што го зафати Куманово. Парче од кровот оштетил дел од излог на бутик отспротива и паднал на коловозот и се уште стои таму, но поголемиот дел од лимот останал во дрвјата.
„Веднаш дојдоа екипи на противпожарната служба и се обидоа да го отстранат делот заглавен во гранките на дрвјата. По неколку неуспешни обиди, беше јасно дека не можат да ја завршат работата со опремата што ја поседуваат. Подоцна дојде и камион со корпа, од поголема висина се обидоа да го извадат, но ништо не направија. Дури мислам дека човекот се повреди при интервенирање“, раскажуваат очевидци на настанот од околните дуќани.
Случајот веднаш го пријавиле и во полиција, бидејќи стравуваат дека доколку брзо не се тргне лимот, ако продолжи невремето може да направи поголема штета.
„На 01.07.2023 година во 16.50 часот во СВР Куманово било пријавено дека на улицата „Илинденска“ паднал лим од станбен објект, кој бил закачен на дрво. Од страна на полициските службеници веднаш се преземени мерки и се обезбедува местото се додека не биде постапено од страна на надлежните институции за безбедно отстранување на лимот“, соопшти СВР Куманово.
Од Општина Куманово допрва ќе вршат увид на лице место, по што ќе издадат решение на станарите да го отстранат покривот.
Според Законот за домување, за колективните стамбените објекти надлежен е стамбениот домар или здружение на станари, кои се должни да реагираат во најкраток можен рок, особено што постои опасност целосно да падне и да оштети други објекти, автомобили или да повреди луѓе.
Ова не прв случај да се откорне покрив на зграда. Во февруари, годинава ветер преврте дел од кровната конструкција на зграда на ул. Народна револуција, на зградата над Градската библиотека во Куманово. Пред две години при невреме беа оштетени лимени покриви на зградите спроти училиштето „Крсте Мисирков“ и над т.н. Скопски дуќани.