ВМРО-ДПМНЕ ја започна кампањата за локалните избори во Куманово
На градскиот плоштад во Куманово денеска беа претставени кандидатите од советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ, кои на претстојните локални избори ќе ја бараат поддршката од граѓаните.

Носителот на листата, Владимир Михајловски, најави позитивна кампања која, како што рече, нема да го наруши достоинството на учесниците во изборниот процес.
„Од денеска започнуваме со кампањата што ќе се одвива од врата до врата. Ќе го посетиме секој дом, без разлика дали е блиску или далеку, дали има или нема асфалтен пат. Нашата намера е искрена и чиста – сакаме да ги слушнеме проблемите на граѓаните и да помогнеме доколку можеме,“ истакна Михајловски.
Тој додаде дека се чувствуваат привилегирани што се дел од политичка партија која, според него, покажува резултати и има исклучително успешни политичари што ја водат државата во вистинска насока. Како пример го посочи претседателот на партијата, Бобан Николовски, директор на Царинската управа, за кого рече дека со своето ангажирање и посветеност дава значаен придонес во македонската економија.
Михајловски ги повика граѓаните масовно да излезат на избори и, како што порача, да го направат вистинскиот избор.
ВМРО-ДПМНЕ на гласачкото ливче е број 9.