Мени

За 30 отсто поскапеа услугите за собирање на смет во Куманово

01.07.2026 15:19 | Сузана Николиќ

Мнозинството во Советот на Општина Куманово денеска го прифати предлогот на ЈП „Чистота и зеленило“ за 30 проценти да се зголеми услугата за собирање и транспортирање на комунален отпад. 

За 30 отсто поскапеа услугите за собирање на смет во Куманово

Предлогот беше усвоен со 17 гласа „за“, пет „против“ и тројца „воздржани“.

Според новиот ценовник, за станбен простор физичките лица ќе плаќаат 5,85 денари по квадратен метар. За станбен простор надвор од градежниот реон цената ќе изнесува 3,80 денари по квадратен метар, додека за дворно место ќе се наплатуваат 0,39 денари по квадратен метар. За дворно место кај физичките лица надвор од градежниот реон нема да се наплаќа.

За деловен простор на правните лица цената ќе изнесува 16,25 денари по квадратен метар, за производните субјекти 2,86 денари, а за деловниот простор во Индустриската зона „Речица“ 5,72 денари по квадратен метар. За дворно место кај правните лица ќе се наплатуваат 0,65 денари по квадратен метар.

Последното зголемување на цената на услугите беше во 2022 година, кога поскапеа за 50 проценти.

Директорот Сашо Томиќ ја правдаше корекцијата на цената со зголемените трошоци за минималната плата, горивото, резервните делови и амортизацијата на возилата.

„Кога ќе се каже зголемување од 30 отсто, звучи бомбастично, но ако се погледнат цените и износите, не станува збор за енормно поскапување. Зголемувањето е неопходно поради амортизацијата на возилата, застарениот возен парк, повисоките цени на горивото, зголемувањето на минималната плата, резервните делови и потребата за редовна исплата на платите. Ако не се донесе ваква одлука, нема да можеме да работиме“, изјави Томиќ.

Според неговите пресметки, за стан од 50 квадратни метри, наместо досегашните 266 денари, сметката ќе изнесува 337 денари, односно ќе биде повисока за околу 70 денари. За стан од 90 квадратни метри, наместо 479 денари, ќе се плаќаат 606 денари, што е зголемување од 127 денари. За куќа од 50 квадратни метри надвор од градот, сметката ќе се зголеми од 178 на 230 денари.

Опозицијата жестоко се спротивстави на одлуката, оценувајќи дека градот е преполн со смет, комуналната хигиена никогаш не била на пониско ниво и дека граѓаните не добиваат соодветна услуга ниту за сегашната цена, а камоли за повисока.

„Со ова зголемување купувате социјален мир за вработените да земат плата. Во 2022 година цената беше зголемена за 50 отсто, а не видовме никакво подобрување, дури делуваше негативно. Зошто Општината не ги зголеми средствата што му ги плаќа на претпријатието за одржување на зеленилото, туку повторно удира по џебот на граѓаните? Од 2010 година цената за одржување на зеленилото не е зголемена, а за граѓаните немате проблем“, рече советникот Томица Илиќ, најавувајќи дека неговата советничка група нема да го поддржи предлогот.

Дел од советниците оценија дека претпријатието се нашло во тешка состојба поради лошите политики на претходните раководства, а цената за тоа сега ќе ја плаќаат граѓаните.

Тие сметаат дека поскапувањето нема да ги реши финансиските проблеми на претпријатието, кое се соочува со сериозна криза, и дека решението треба да го бара Општината преку поголеми инвестиции во неговиот развој. Воедно, беше посочено дека претпријатието треба да ги зголеми сопствените приходи со подобра евиденција на корисниците, бидејќи повисоките цени повторно ќе ги плаќаат само оние што редовно ги подмируваат своите обврски.

Во текот на жестоката расправа беше истакнато и дека локалната власт требало подомаќински да ги планира средствата и наместо за бесплатен јавен превоз, дел од нив да ги насочи кон финансиска поддршка на претпријатието, за да не се доведе во ваква состојба.

На почетокот на седницата, на предлог на владејачкото мнозинство беше изгласано советниците да можат да се јават само еднаш за дискусија во траење од 10 минути, поради жешкото време и тешките услови за работа. Советниците од опозицијата ова го оценија како нивно замолчување при донесување на две важни одлуки,  и вршење на упад во демократскиот капацитет на претставничкиот орган на граѓаните.