Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Започна реконструкцијата на улицата „Никола Тесла“ во должина од 1.400 метри.
Ќе се асфалтира вкупна површина од 10.000 м2, а широчината на коловозот ќе биде од 6,5 до 9 метри. Реконструкцијата ќе чини 20 милиони денари, односно 325.200 евра, средства на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП).
„Работиме на реконструкција и рехабилитација на автопатите, магистралните, експресните патишта, но не се заборавени ниту регионалните. Еден од тие е и овој регионален пат „Никола Тесла“, за кој од вчера почнавме со негова рехабилитација. Овој патен правец е многу значаен за Куманово, затоа во соработка со градоначалникот и локалната самоуправа е ставен како приоритет за реконструкција“, истакна Коце Трајановски, директор на ЈПДП.
Покрај ова паралелно се работи и на патниот правец од Бељаковце до Клечовце, инвестиција вредна 35 милиони денари, а по завршување на овие два проекти ќе се гради патот од Пчиња до Вак’в. ЈПДП во Куманово вкупно ќе вложи вкупно 85 милиони денари. Сите проекти се од годишната програма на претпријатието.
На увид на градежните работи присуствуваше и локалното раководство, кое изрази нескриено задоволство од инвестицијата на државата во инфраструктурата на Куманово.
„Патната траса е составен дел од државните патишта, а поминува низ Куманово, тоа е улицата „Никола Тесла“. Со ова овој децениски проблем конечно тргнавме да го решаваме. Се надевам во иднина, дека со заеднички напори ќе изнајдеме сили да ја завршиме комплетната траса, која тргнува од овде Врањско Џаде, а завршува со стариот граничен премин со Р. Србија, кај село Табановце“, истакна градоначалникот Максим Димитриевски.
Локалната самоуправа вети и изградба на тротоари на десната страна на улицата за побезбедно движење на пешаците. Веќе е нарачана проектна докумантација, а проектот ќе биде вграден во развојната програма за 2026 година.