Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, утре во 19 часот ќе биде отворена изложбата „Жените и фотографијата“ во организација на Фото клуб „Куманово“.
Ќе бидат изложени 80 фотографии на авторки од Македонија, а селекцијата е направена од повеќе од 250 пријавени фотографии.
„Фотографијата отсекогаш била медиум преку кој жените ги раскажуваат своите приказни, го изразуваат својот глас и ја споделуваат својата перспектива за светот. Од првите денови на оваа уметност, па сѐ до денес, жените фотографи успеваат да внесат длабочина, емотивност и уникатност во своите дела, надминувајќи ги бариерите и градејќи своја историја. Овие фотографии не само што сведочат за мајсторството на авторките, туку и ја потенцираат нивната способност да доловат емоции, светлина и моменти кои остануваат запаметени. „Жените и фотографијата“ не е само изложба – тоа е симбол на борбата за рамноправност, за еднакви можности и за признание на жените во фотографската уметност“, велат организаторите од Фото клуб „Куманово“.
Изложбата се организира по 12 пат повод 8 Март- Меѓународниот ден на жената.
Дел е од програмата на Општина Куманово, за што се одвоени 15.000 денари, а се организира со поддршка на Центарот за култура.
Изложба ќе биде отворена во наредните 14 дена.