×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Неплатена прекувремена работа и работа за викендите, најголем проблем за работниците во регионот

    05.08.2021 05:49 | KumanovoNews

    Работничките права се кршат, работниците се жалат на притисоци од работодавачите и недостоинствен статус, но многу малку од нив сакаат да зборуваат јавно за овој проблем.

    Неплатена прекувремена работа и работа за викендите, најголем проблем за работниците во регионот

    Иако сакавме да ги споделиме нивните искуства и да ги лоцираме главните злоупотреби и прекршувања, на анкетата на Кумановоњуз за работничките права одговорија само 34 граѓани, а ретко кој од нив сака јавно да го изнесе својот случај.

    Според резултатите, најголеми проблеми се неплатената дополнителна работа и работата за време на викендите на кои се принудени работниците. Се жалат и на небезбедни услови за работа, мали плати, привремени договори за работно ангажирање со кои газдите ги „држат во рака, а работодавачите им се закануваат со отказ, доколку го изразат своето незадоволство.

    „Работиме на високи температури, газдите не ни даваат да вклучиме вентилатор, нема платена прекувремена работа, работиме и за викендите, за одмор не смееме да прашаме, немаме К-15, инспекции нема“, го доловува своето искуство еден учесник во анкетата.

    Најхрабри беа работниците од Куманово, кои учествуваа со 82,4% во анкетата, од Крива Паланка имаме одговори од 14,7% и од Старо Нагоричане 2,9%. Од останатите општини од Североисточниот регион: Кратово, Липково и Ранковце не добивме ниту еден одговор.

    Според половата структура, мажите учествуваа со 55,9%, а жените со 44,1%. Интересно е што половина од учениците се млади од 18-35 години, што покажува дека младата популација се охрабрува да го изрази своето незадоволство во прилог на подобрување на правата на работниците. Од останатите учесници, 38,2% се на возраст од 36-50 години, а 11, 8% од 51-65 години.

    Најмногу одговори добивме од вработените во секторите: трговија, градежништво, текстилна и метална индустрија, но има и од администрацијата, локалните установи, јавните претпријатија, аобразование, ИТ сектор и друго. Вкупно 76,5 % се вработени во домашни фирми, 11,65% во странски, а 5,9 % во мешовити компании.

    Поголемиот дел од учесниците во анкетата или 58,5 % се вработени на неопределено време, а останатите се со договори на 3 и 6 месеци. Само 5,9% одговориле дека немаат никаков договор и дека работат на „црно“.

    На прашањето какви услови за работа имате, 47,1 % одговориле дека работат во задоволителни услови, а за 23, 5% условите се лоши. Вкупно 20,6% од испитаниците потенцираат дека работните услови се небезбедни, а само 8,8% имаат одлични услови за работа.

    Прекувремената неплатена работа е еден од најголемите проблеми за работниците. Близу половина од испитаниците, односно околу 44% одговориле дека работат по 8 часови дневно, а останатите 56% одговориле дека работат од 8-10 или 12 часа, а некои дури и повеќе. Тоа се главно вработените во градежништво, трговија, текстилна и металска индустрија. Од анкетираните 52,9% работат и за викендите, 23,5% понекогаш, а исто толку не се ангажирани за време на викенд. Прекувремената работа не им се плаќа дури на 67,6% од анкетираните, 17,6% добиваат надоместок само понекогаш, а 14,6% имаат редовна исплата по оваа основа.

    „Со закани не принудуваат да работиме и за време на празници, а ако не се појавиме не казнуваат со 20% од платата.Ако некој се обиде да го изрази своето незадоволство, ти одговараат „Ако не ти се допаѓа, оди си.“ Мерките за топлотен бран воопшто не се почитуваат“, реагира еден од испитаниците.

    Работниците се жалат и на ниски плати, кои обично се движат околу минималецот или нешто малку над него. Најголем дел одговориле дека вообичаената плата е од 15.000-19.000. Некои од нив, пак, имаат од 23.000 - 40.000 плата и тоа главно вработените во администрација, ИТ секторот и слично.

    Работодавачите ги прекршуваат правата на работниците и со непочитување на колективните договри во однос на годишните одмори. Дури 47,1% одговориле дека газдите сами одредуваат кога и по колку дена одмор ќе им дадат, не им даваат решенија или ги тераат да одат на работа и за време на одморите. Останатите 35,3% , пак, имаат уредно регулирано право на годишен одмор. Речиси 80% имаат пауза за време на работното време, која обично трае
    половина час.

    „Одмори не смееме да бараме, кога ќе ни дадат тогаш. И тоа обично се 7- 10 дена за цела година“, наведува еден работник.

    Исплатата на К-15, исто така, е голем проблем за работниците, покажа нашата анкета. Иако 38,2% одговориле дека им се исплатува регресот за годишен одмор, сепак на 35,3% им е ускратено тоа право, а 26,5% го добиваат надоместокот, но мора да го вратат на газдите.

    „Ќе ни пуштат К-15, а после ќе пратат човек да не чека пред банката и мора да ги вратиме до денар. Никој не ги штити работниците“, вели еден испитаник.

    Заштита од ковид-19 и обезбедување на услови за работа според здравствените протоколи имаат 55,9%, додека останатите 44,1% се соочиле со непочитување на превентивните мерки. Работниците главно се жалат на необезбедена дистанца, маски и ракавици кои сами морале да си ги набавуваат, а дел од нив биле испратени на принуден одмор или добиле отказ за време на здравствената криза. Само на 17,6% им било платено отсуството поради заболување од ковид-19, додека 35,3% биле на неплатено отсуство, а 20,6% болеста ја оправдувале со боледување. Работниците се жалат и дека биле принудени да ја прекинат изолацијата и да се вратат на работа, иако имале решение за изолација.

    Поголемиот дел од испитаниците се соочиле со притисоци на работното место, односно околу 60% од нив. Тоа најчесто биле навреди, закани со отказ и принуда да работат прекувремено и за време на викендите. Но, дури 70,6% од нив не ги пријавиле овие повреди на работничките права. Тоа го направиле само 20,4% , а од нив дури 70,5% немале никаков позитивен ефект. Тие се жалат на неефикасноста на надлежните инспекциски служби и на непреземање на соодветни санкции за работодавачите за непочитување на работничките права.

    „Инспекторите или не доаѓаат или се најавуваат кога ќе дојдат. Ако некој работник, пак, пријави кај нив, тие таа информација ја проследуваат до газдите, кои потоа ни се закануваат со отказ“, се жалат работниците.

    Само мал дел (8,8%) од учесниците во анкетата биле ангажирани преку активните мерки на Владата и Агенцијата за вработување и главно биле задржани на работа.

    Но, загрижува податокот што голем дел од работниците не се членови или не учествуваат активно во синдикалните организации за подобрување на работничките права. Дури 58,8% од анкетираните воопшто не членуваат во синдикат, 20,6% одговориле дека во нивната фирма нема синдикална организација, а кај 5,9 проценти синдикатот не е активен.

    Испитаниците сметаат дека за кршењето на работничките права најголеми виновници се инспекциските служби (27,9%), потоа владата (25,6%) и работодавачите (24,4%). За 12,8%,пак, виновна е локалната самопуправа, а 9,3% сметаат дека вина имаат и самите работници, кои не се доволно ангажирани за да се борат за остварување на своите права.

    За работниците најголем приоритет подеднакво се обезбедувањето на повисоки плати и зајакнување на инспекциските контроли. Потоа следуваат подобрувањето на условите за работа и зајакнување на синдикалното организирање.