„Од линија до душа“ – прва самостојна изложба на матурантката Михаела Стојановска
Во просториите на Европска куќа Крива Паланка денеска се одржа првата самостојна уметничка изложба на младата и талентирана средношколка Михаела Стојановска.
Изложбата, насловена „Од линија до душа“, беше организирана од Локалниот младински совет при Општина Крива Паланка. Настанот привлече голем број посетители, а просторијата беше исполнета до последно место од пријатели, роднини, професори и раководството на СОУ „Ѓорче Петров“.
Во своето обраќање, Стојановска се осврна на значењето на 20 ноември - Светскиот ден на детето.
„Тоа ми беше посебна инспирација, па нацртав и неколку дела посветени токму на детската искреност и чистина. Верувам дека уметноста најубаво зборува кога ја допира таа детска гледна точка,“ истакна Михаела, заблагодарувајќи се за поддршката.
Иницијаторот на изложбата, Никола Митовски, кажа дека „Од линија до душа“ е проект што растел со идеја, работа и посветеност.
„Оваа изложба не е само визуелна приказна. Таа е патување низ тишините, контурите и миговите што авторката ги претвора во емоција. Линиите стануваат мисли, а мислите – допир до нешто подлабоко,“ рече Митовски.

Изложбата претставува значаен чекор во творечкиот развој на младата уметница, која продолжува да создава со силна верба дека уметноста зборува таму каде што зборовите замолкнуваат.
Како симболичен гест на благодарност, на самиот крај авторката им подари на вработените во Европска куќа рачно изработен цртеж инспириран од темата за детската слога и заедништво. Со овој мал уметнички печат, Стојановска остави трага во просториите на Европска куќа, потсетувајќи дека уметноста има моќ да ги зближува луѓето.
Никола Митовски

