Општина Крива Паланка доделува по 15.000 денари за секое новороденче
Општина Крива Паланка и во 2026 година ќе ја продолжи поддршката за младите семејства, преку финансиската помош за секое новороденче. Оваа година таа изнесува 15.000 денари.
Градоначалникот Сашко Митовски вели дека мерката има за цел да обезбеди реална поддршка за родителите во најосетливиот период по раѓањето на детето, а оваа политика претставува континуиран напор за подобрување на условите за живот и поттикнување на позитивните демографски трендови.
„Општина Крива Паланка останува цврсто посветена на поддршката на младите семејства и унапредувањето на наталитетот како еден од клучните приоритети на локалната самоуправа. Оваа мерка не е само финансиска помош, туку јасна порака дека Општина Крива Паланка активно инвестира во иднината на заедницата. Ќе продолжиме со креирање политики што обезбедуваат подобри услови за живот и сигурна иднина за нашите деца“, изјави градоначалникот Митовски.
Поддршката на семејствата започнала во 2022 година со износ од 3.000 денари. Mинатата година била зголемена на 6.000 денари и ја искористиле околу 90 семејства.
Право на оваа финансиска помош имаат сите семејства со регистрирано живеалиште на територијата на општина Крива Паланка.
Првото бебе родено во 2026 година од Крива Паланка е Марк Ангеловски. Градоначалникот Митовски ги посети родителите Ивана и Дарко, при што им врачени подароци и честитки по повод раѓањето на нивниот втор син.
Марк е роден на 14 јануари 2026 година во Скопје, бидејќи во Крива Паланка нема родилиште.
Никола Митовски