Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Се запали ѓубре на третиот кат на ТЦ Гарнизон во центарот на Куманово. Со брза реакција на пожарникарите пожарот е изгаснат, па не се прошири на становите кои се наоѓаат веднаш над опожарениот дуќан.
„Интервениравме со 2 противпожарни возила и 6 пожарникари, пожарот е изгаснат за многу брзо време и нема проширување на околните објекти. Запален беше дуќанот- депонија каде има насоберено голема количина на смет. Се уште не ја знаеме причината за пожарот“, истакна Деан Илиевски, командир на ТППЕ Куманово.
Во Гарнизон се задржа силна миризба на дим и гареж, а од гаснењето водата се слеа на трговските објекти од долните катови. Во фризерскиот салон кој се наоѓа под местото на интервенција е исклучена струјата поради опасност од струен удар.
„Ова е ужас, и така имам влага и мувла во дуќанот, сега повторно ќе протече. Не можеме да работиме до крајот на денот. Поради негрижа и несовесност на други ние трпиме штета“, револтирана е Анита Димовска, сопственичка на салонот.
Насобраните станари кажуваа дека неколку пати реагирале да се исчисти сметот, дел од него е изнесен, но за дел никој не презимал ништо.
„Не е мое, така ми одговорија кога реагирав до сопствениците на кафиќи кои работат на третиот спрат“, раскажува постар сограѓанин, кој има стан во објектот.
Кумановоњуз веќе пишуваше дека најгорниот кат на Гарнизон е претворен во депонија, дека во голем дел е непристапен поради купишта смет, нафрлани маси и столици од затворените кафе барови.