Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Пожарните во Старо Нагоричане, Ранковце и Кратово добиле комплетна униформа за справување со шумски пожари.
Опремата е донација од Стопанска банка, а членовите на единиците за противпожарна заштита веќе ја користат.
Обезбедени се униформи со врвен квалитет за пожари на отворено- чизми, шлем, ракавици, јакна, кошула и панталони.
„Голема благодарност за донацијата, која ни е неопходна и за која самостојно аплициравме и баравме да ни се обезбеди. Апелираме и за поголема ангажираност на локалната самоуправа, конечно да се најдат средства и да ни обезбедат минимални пристојни услови за работа. Не мачат старите болки- амортизирани две возила: мерцедес од 1981 и ТАМ од 1988 година, кои дополнително се оштетуваат под влијание на временските прилики. Немаме ниту натстрешница, а не пак гаража каде би можеле да ги засолниме од дожд, снег или сонце“, истакна командирот Далибор Трајковски од Старо Нагоричане.
Донацијата беше координирана преку Центарот за управување со кризи, а протокларно беше промовирана на средба со претставниците на Територијалните противпожарни единици на општините. При тоа беше упатена благодарност за големиот ангажман на пожарникарите во борбите со огнените стихии и разорната моќ на пожарите кои ја откриле ранливоста на општеството и заедницата.
„Помошта за првата линија на отпорот е најмалку што можеме да направиме. Искрено, се надеваме дека опремата нема да треба да ја користите често, но во исто време не радува фактот што добивте целосно нова и современа опрема што ќе ве заштитува и ќе ви овозможува подобри услови за работа“, истакна на средбата извршниот директор на банката Диомидис Николетопулос.
Опремата, со точно назначени димензии, за конкретни пожарникари, е доставена во единиците во ноември и пожарникарите ја имаат на располагање и користење.
Во секоја од противпожарните единици во Старо Нагоричане, Ранковце и Кратово работат по 9 пожарникари.