Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Публикацијата „Кумановска кафеана“ од Димитар Масевски, нуди автентично сведоштво за хотелиерството во Куманово во минатиот век, кога тоа ги доживувало своите најдобри денови и било во полн сјај.
Хотелот „Гранд“ е првиот хотел кој се споменува уште за време на Османлиите, изграден од некој Нејат бег. На времето бил познат угостителски објект, на најпрометното место во чаршијата, во продолжение на познатиот кумановски Опанчарски сокак и секогаш исполнет со гости од Куманово и од другите места. Располагал со соби на кат, простран ресторан и летна бавча, а имало и ледара, каде табли мраз се таложеле преку зима, со слама меѓу нив, за да може да опстојат преку лето. Во ресторанот на овој хотел се прикажувале и неми филмови, со по две претстави неделно.
Вториот хотел кој бил изграден во турскиот период, некаде во првата деценија на 20 век, бил хотелот „Солун“.Се состоел од соби за спиење на кат, простран ресторан во приземјето, а во големиот подрум била сместена мразарница. По 1903 година хотел „Солун“ го преземаат познатите браќа Тома, Власи од Крушево, кои по Илинденското востание се населуваат во Куманово.
Во хотелот „Солун“ била извршена првата кинопроекција во Куманово. По Првата светска војна и создавањето на Кралството на СХС во 1918 година, хотелот „Солун“ бил преименуван во хотел „Србија“. Во историјата на Куманово овој објект е познат по тоа што на 24 септември 1919 година во оваа зграда е формиран огранокот на Социјалистичка работничка партија (комунисти) (СРП(к)).
Освен двата споменати хотели во градот уште од турско време, а потоа и за време на Балканските војни и по нив, егзистирале повеќе угостителски објекти. Меѓу нив бил и хотелот „Пирот“ на Илија Манчиќ.
Некаде во 1928 година, на местото на кафеаната „Победа“, започнува изградбата на хотел „Куманово“, тогаш најрепрезентативниот хотел, чиј градител и прв сопственик бил угледниот Васа Поповиќ. Го проектирал рускиот инжинер Владимир Антонов, кој всушност е и автор на севкупната неокласична архитектура во Куманово . Во 1930 година, хотелот бил свечено пуштн во употреба. Во својот состав имал соби за спиење на кат, простран ресторан на приземјето и летна бавча. Десно од главниот влез се наоѓала берберница во која гостите имаа привилегија бесплатно да ги користат услугите на салонот. Во ресторанот на хотелот „Куманово“ се одржувале забави и свечености на кои имале право да присуствуваат единствено членови на богати семејства и преставници на власта.
На 11 октомври 1961 година, по повод 20-годишнината од вооруженото востание на македонскиот народ, свечено бил пуштен во употреба новоизградениот хотел “Кристал”. Во 1963 година бил организиран и првиот пречек на Новата година. Во шеесетите, седумдесетите и осумдесетите години на минатото стоелтие постојано работи со полн капацитет, станува омилена дестинација на гости од сите околни градови, со постојана музика и реномирани пеачи и секако неповторливите игранки во саботите и неделите. Главни забавувачи биле членовите на Градскиот бенд во чиј состав поминале повеќе музичари: Дори, Буцо, Мане, Јанко, Чорба, Мице, Борче со популарниот кумановски интерпретатор на забавна музика Мишо Тодоровиќ.
Пред изградбата на хотелот „Кристал“, во непосредна близина на Кумановска Бања, се гради модерен за тоа време, хотел „Депаданс“, со 66 легла. Изградба на депадансот се совпаднала со изградбата на автопатот Братство - Единство.
На 8 декември 1974 година свечено бил пуштен во употреба прочуениот хотел „КУ-БА“. Нашиот сограѓанин д-р Александар Димиќ -Паланчански беше кум на хотелот, кој го дава името „КУ-БА“, кратенка од Кумановска Бања. Располагал со два ресторана, современа кујна, салон за одмор и рекреација на гостите, мала банкет сала и пространа тераса од 1000 седишата. Со прекрасна околина и со Олимписки базен во непосредна близина на хотелот и со план да се изградат модерни тениски игралишта, овој објект под познататата Проевска Карпа, станува омилено место за посетители од сите страни на Македонија. Во 1975 година организиран е првиот пречек на Нова година.
За жал, од сјајот на кумановското хотелиерство во минатиот век и некогашните култни угостителски објекти, сега останаа само руини и запуштени локации. Денес, Куманово има неколку помали сместувачки капацитети, но не и голем репрезентативен хотел за гости и туристи.
Повеќе информации можете да најдете во текстовите на Кумановоњуз на следните линкови:
https://www.kumanovonews.mk/retrospektiva/hotel-grand-prviot-kumanovski-hotel
https://www.kumanovonews.mk/retrospektiva/hoteli-vo-kumanovo-pred-vojnata