×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Изиграни од компанијата, не добиле помош од институциите

    23.08.2021 19:05 | KumanovoNews

    Работниците на пругата Куманово-Бељаковце судски ги бараат неисплатените плати и надоместоци од државата

    Изиграни од компанијата, не добиле помош од институциите

    Седумдесетина работници, кои биле ангажирани на изградба на железничката пруга на Коридорот 8, на трасата Куманово-Бељаковце, веќе една година по судски пат се обидуваат да ги остварат своите права, откако останале без работа поради раскинување на договорот помеѓу германската компанија „Вибе“ и Македонски железници - Инфраструктура. Тие тврдат дека по добиените откази не можат да си ги наплатат побарувањата по основ на неисплатени плати, прекувремени часови, минат труд и К-15. Обврските се движат од 2.500 до 10.000 евра, по работник.

    Најголем проблем е што дел од работниците биле ангажирани преку Агенцијата за посредување при вработување „Солушн“, која имала склучено договор со „Вибе“, па сега тие си ја префрлаат вината кој треба да ги исплати, додека работниците се заглавени во правниот лавиринт. Од почетокот на судска постапка досега е одржано само едно рочиште и се уште нема никаков изглед дека наскоро ќе си ги остварат своите права.

    „Од јули мината година сме без работа и со нерешен статус. За месеците од март-јуни добивме само 50 отсто од платата по 14.500 денари, од државната помош, иако требаше да ни исплатат по 30.000 денари. Минат труд не ни е исплатен 3 години, немаме наплатено К-15 за 2020 година, а на секој работник му должат и за прекувремени од 300 - 400 часови. Работиме по 10 часови, а ни плаќаат по 8 часови. Претходно разликата ја подмируваа на крајот од годината или кога не работевме поради лоши временски услови. Последната година зимата беше топла и работевме до крај, но не ни ја платија прекувремената работа“, вели Зоран Крстевски - Шац, кој во германската компанија бил ангажиран 36 месеци.

    Тој вели дека проблемите започнале во април минатата година, кога работниците два месеци останале без плата и здравствено осигурување. Додека тие организираа штрајк, „Вибе“ го раскинал договорот со „Македонски железници“ и ја прекинал изградбата на пругата, по што тие останале на улица. Сега се тужат со фирмата, агенцијата и државата. Триесетина од нив имале директен договор со „Вибе“, а 42-ца биле ангажирани преку Агенцијата.

    „Агенцијата ни вели дека долговите треба да ни ги испати „Вибе“, а фирмата нема сметка, ја затвориле и си заминале. Ние имаме договор со Агенцијата и таа треба да си ги побарува средствата од германската фирма и нас да не исплати. Ние немаме никакви документи за отказ, тие дури и предвреме ни ги раскинаа договорите, кои ни важеа до 31 август 2020 година. Се вадат на одлука донесена од „Вибе“. Поднесовме и тужба, второто рочиште е закажано за 8 октомври, ама засега ништо. Не можеме да оствариме никакви права ниту од Агенцијата за вработување“, појаснува овој работник, кој прашува јавно зошто државата не ја активира банкарската гаранција на странската компанија за да ги исплати нивните побарувања. 

    Адвокат Елизабета Цветковска, застапува 15 работници од Куманово и Кратово, кои имале статус на привремени агенциски работници, а биле ангажирани на изградбата на железничката пруга, раководена од „Вибе“. Тие биле одјавени од работен однос на 10 јули 2020 година и оттогаш се водат судски постапки пред надлежните органи.

    „За работниците кои ги застапувам водиме две постапки. Едната е по основ на неисплатени права од работен однос пред надлежниот Основен граѓански суд Скопје. Тужбените барања ни се со побарување за неисплатен минат труд, прекувремени часови, нецелосно исплатени плати за последните месеци, надомест за годишни одмори, регрес и други основи кои се загарантирани согласно закон и колективните договори, но и согласно договорите за вработување“, појаснува Цветковска.

    Таа вели дека биле принудени да отпочнат и управна постапка против надлежните - во конкретниот случај Агенцијата за вработување (АВРМ), односно Центарите за вработување во Куманово и Кратово, како и второстепениот орган Министерството за труд и социјална политика (МТСП), поради неможноста овие работници да си ги остварат своите права што им ги нуди и гарантира Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност.

    „Во оваа постапка постојат апсурдни елементи на непостапување од страна на надлежните, и, иако постојат писмени докази дека работниот однос на овие луѓе престанал „не по нивна вина“ и во целост ги исполнуваат условите, институциите тоа не сакаат да го констатираат. Останува, по втор пат – од кога еднаш судот ги усвои тужбите на работниците и ги врати предметите на повторно одлучување - да ги чекаме новите одлуки од постапките пред Управниот суд, од кого очекуваме мериторна одлука“, вели Цветковска.

    Крстевски, пак, посочува дека голем проблем е што работниците во приватните фирми не се синдикално организирани за да ги заштитат работничките права.

    „Јас покренав иницијатива за формирање на синдикат, работниците се потпишаа, но газдите не ни дозволија. Почнаа да не предупредуваат дека некој може да настрада, дека може да ни бидат раскинати договорите, кои ни се продолжуваа на 3 месеци и ништо од тоа. Не убедуваа дека земаме плата на време, што и беше така, но еве на крајот како не оштетија“, вели Крстевски.

    Работниците велат дека нивниот случај јасно покажува дека работничките права се само за оние што работат во државните институции.

    „Во приватните фирми не постојат синдикати. Денес ти прават договор, утре имаат право да го раскинат, можат да те малтретираат. Работниците воопшто не се заштитени, државата не помага“ велат отпуштените работници.

    И Цветковска смета дека во случајот се прекршени работничките права.

    „Сметам дека доказите со кои располагаат работниците и со кои настапуваме во овие предмети докажуваат прекршување на работничките права. Но, за исходот крајниот збор го имат судовите, а нашата надеж е дека истите ќе бидат објективни, професионалнии и ќе донесат правични одлуки во полза на работниците“, рече Цветковска.

    За да дознаеме зошто работниците се најдоа во ваква состојба побаравме одговор од другите две страни: компaнијата „Вибе“ и Агенцијата за посредување при вработување „Солушн“. Од „Вибе“ не одговорија на нашите прашања, додека од Агенцијата „Солушн“ ни рекоа дека не сакаат да коментираат и да дават изјави додека трае судската постапка и не го добијат исходот од судењето.

    Инаку, делницата од железничката пруга Куманово – Бељаковце, во должина од 30 км, почна да се гради во 2014 година, а изведувач беше германската компанија „Вибе“. Иако работите требаше да бидат завршени при крајот на 2017 година, рокот беше пробиен, заради што беше направен анекс на договорот за завршување на работите до февруари 2020 година. Но, германскиот изведувач ја прекина изградбата во мај 2019 година и се повлече од терен, а сите работници останаа без работа. Тогаш Владата најави дека ќе поднесе тужба за едностраното раскинување на договорот.

    Неодамна, за Кумановоњуз министерот за транспорт и врски Благој Бочварски изјави дека за делницата Куманово-Бељаковце, како и за Бељаковце- Крива Паланка, во тек е постапка за избор на изведувач на градежните работи.

    Се очекува овој процес да заврши до крајот на оваа година или до почетокот од 2022 година и напролет да се отпочне со активностите на терен.