Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
„Во новинарството идејата е најскапа. Некогаш новинарството беше престижна професија, во мое време не можеше секој да биде или да се нарекува новинар. Немав притисоци или директиви од партиските инстанци, навистина ве уверувам дека тогашните услови беа далеку од она со што денес се соочуваат новинарите“.
„Новинарството не го избрав јас, тоа беше шанса што ми се укажа за да се вработам, откако завршив факултет. Не ни сонував дека толку ќе се пронајдам во оваа професија и засекогаш ќе останам врзана за неа“, раскажува за своите почетоци Нада Ивановска (73), една од првите новинарки во Куманово, која оставила неизбришливи траги во историјата на локалните медиуми, но и во кумановското библиотекарство.
Како дипломиран филолог на Катедрата за македонски јазик и книжевност секогаш мислела дека ќе работи како професор, во просвета, и ќе им се посвети на учениците. Но, една сосема случајна околност целосно ќе ѝ ги промени плановите и ќе ѝ исцрта понаков професионален пат. И тоа на почетокот на најважниот животен циклус - кога само што завршила факултет, се омажила и родила дете.
„Татко ми работеше во зградата каде беа сместени просториите на локалниот медиум „Наш весник“. Тој ме информираше дека има распишан конкурс за новинар и ми кажа дека тоа и не е лоша можност да се вработам. Не размислував многу, се пријавив, не тестираа да напишавме текст и мене ме избраа. Така, се најдов во редакцијата со петмесечно бебе и почнав да работам“, се сеќава на тие пресудни моменти Ивановска.
(Интервју со генерал Михајло Апостолски. Фото: приватна архива)
Млада и неискусна, на 23 години ја започнала својата новинарска кариера во колектив во кој сите биле мажи, и тоа искусни и постари колеги. Но, тоа не ја обесхрабрило, затоа што колегите уште од почетокот и дале „ветер во грб“ и ја ослободиле од неизвесноста и стравот што се нашла во машки микрокосмос.
„Дојдов преплашена како учениче. Беше 15 јули и голем дел од колегите беа на годишен одмор. Тогашниот уредник Трајко Пачков ме праша што имам подготвено, дали имам прилог. Идејата ми ја даде секретарот Бранко Пешиќ и првата задача ја завршив со татко ми. Тој беше председател на Друштвото за борба против алкохолизам и наркоманија, а летото беа на семинар и тоа беше темата на мојот прв новинарски текст. Прилогот веднаш беше пуштен на Радио Куманово“, се сеќава Ивановска.
Како почетник, сепак не и било проблем да напише текст, најтешко и било да најде тема, додека да ги запознае работите во општината и да почне да размислува како новинар кој постојано треба да „чепка“ под површината на случувањата.
„Во новинарството идејата е најскапа. Но, колегите ми даваа насоки, ме подучуваа, ми даваа идеи, совети како да се извлече најважното, поентата“, вели некогашната новинарка.
Сите колеги и останале во најубав спомен. Работела во прекрасна редакција, на чие чело бил директорот Киро Џимревски, со целосна поддршка и разбирање од колегите- новинари: Спирко Николовски, Столе Божиновски, Абдулмеџит Османи, Драги Трајковски, Момчило Трајковски, Борис Бурназовски - уредникот на радио програмата и Трајко Пачков уредник на неделниот весник. На терен, пак, постојано била со фотографот Скендер Шабани, извонреден човек и голем другар.
(Интервју со Слободан Унковски. Фото: приватна архива)
Така, многу бргу се вклопила во новинарската работа, а продолжила и самата да се образува, читала книги за новинарство од кои многу научила. На неколку наврати биле во работни посети на култниот НИН, кој важел за медиум со високо ниво на професионалност и од каде многу научила за новинарството.
„Тогаш ми влезе новинарството во крв, ми се вовлече под кожа и го засакав. Многу бргу воспоставив контакти со соработниците, јас и како човек сум комуникативна. Тоа време новинарството беше многу поафирмативно, имаше и непријатни случки, но не започнуваа сите вести со пожар, убиство, криминал, обвиненија...“, објаснува некогашната новинарка.
Посебно била горда на професијата, зашто во тоа време не можел секој да биде или да се нарекува новинар. Новинарството било престижна професија и не чувствувала никакви притисоци или дискриминација.
„Тоа време беше далеку помирно, поубаво се живееше - комотно, просперитетно, економски стабилно. Немав притисоци или директиви од партиските инстанци, навистина ве уверувам дека тогашните услови беа далеку од она со што денес се соочуваат новинарите“, децидна е Ивановска.
Во „Наш весник“ останaла цели 15 години, и работела главно во секторите култура, образование, комуналии и здравство, и така стигнала до уредничката позиција. И како уредник секогаш имала почитување и добра соработка со колегите, без разлика на тоа што била помлада од нив или што била жена.
„Во бившата СФРЈ жените ги уживаа сите можни права, воопшто не се ни зборуваше за тоа, се подразбираше само по себе. Секогаш се избираше најдобриот кандидат, по строги критериуми, без пропишани квоти по било која основа. Не почувствував дискриминација ниту на конкурсот за работа, ниту подоцна од колегите или оние со кои контактирав и соработував“, ја објаснува тогашната положба на жените нашата соговорничка.
Покрај тоа што била една од првите локални новинарки, кумановци ја паметат Ивановска и како долгогодишен директор на Градската библиотека „Тане Георгиевски“. Кон крајот на 80-тите години се отворила позиција за директор на Библиотеката „Тане Георгиевски“.
„Почнав да чувствувам замор. Стресно е да си новинар и уредник, а тука е и административниот и техничкиот дел. Секој четврток по цел ден бевме во печатницата на „Нова Македонија“ кога се печатеше весникот. Процесот беше долготраен и напорен, кога ќе се погрешеше нешто или требаше да се направи некоја измена се вадеа нови оловни одливи. Искрено, имав потреба за помирно работно место“,објаснува Ивановска.
Така, ја сменила професијата, и се посветила на библиотекарството, на книгите. Таа била директорка на библиотеката во Куманово, која важела за една од најдобро снабдените, цели 27 години.
„Мислев ќе се смирам малку, ќе бидам опкружена со книги, ама не е исто гледано однадвор. Од претежно машки колектив, влегов во типично женски и ми требаше време да се прилагодам“, истакнува Ивановска.
Таа воспоставила контакти со сите современи, македонски автори и издавачки куќи. Авторите кои добивале годишни награди на државно ниво, седум реномирани и признаени награди и признанија, успевала да ги доведе на промоции, литературни читања. Во тоа време, во сите основни и средни општински училишта започнал да се спроведува и проектот „Час со еден писател“, кои биле полн погодок и за авторите и за учениците. Посети на автори на детски книги вовела и градинката, особено за месецот на книгата - од 15 октомври до 15 ноември.
По повод Светскиот ден на книгата во 2023 година, Центарот за култура на Ивановска и додели благодарница за особен придонес и залагање во библиотекарството, пишаниот збор и литературата. Благодарницата ја врачи директорот Сашо Тодоровски. (Фото:Кумановоњуз)
Истовремено, имала одлична соработка и со актерите од кумановскиот ансамбл кои читале делови од книгите што се промовирале.
Како храбра и одважна жена, која „урива“ предрасуди и стеротипи, на почетокот на 70- тите години Нада положила и возачки испит, што било реткост и необично за тогашните времиња. Со тоа ја докажала својата прогресивност, дека знае да фати чекор со времето, но и дека има разбирање од сопругот и пошироката околина. Тоа и било неопходно, откако останала само со две мали деца, додека нејзиниот маж бил на отслужување на воениот рок.
Потекнува од женско семејство, таа е најмала од 4-те сестри, на некој начин миленичка на татко ѝ и замена за посакуваниот син. Но, како најмала, признава дека била миленичка и на целото семејство.
„Имав неизмерна поддршка и помош од најблиските, мајка ми, свекрвата, золвата и трите сестри кои ми помагаа во домашните обврски, па можев мирно да се посветам на професијата“, вели Ивановска.
Нада и денес не е исклучена од новинарството. Редовно следи вести, чита новости, прилози, колумни и е прилично добро информирана за актуелностите. Но, ужасно и пречи употребата на жаргони и во печатените и електронските медиуми, како и акцентирањето на погрешен слог.
(Со колегите од Наш Весник. Фото: приватна архива)
„Кога ќе слушнам дека акцентот се става на погрешен слог, од кожа ќе излезам. Верувам дека сите мои колеги го делат моето мислење. Тоа не е проблем само кај новинарите, водителите и спикерите, туку се случуваи кај некои политичари, уметници, актери, многу луѓе од јавниот општествен живот. Кога јас бев новинар, Оливера Поп Панкова доаѓаше во „Наш весник“ и ни држеше часови на добро зборување, израз, акцентирање, концизност, навистина многу се водеше сметка. И во печатениот медиум се водеше сметка за правопис, а подоцна беше вработен и лектор во нашиот медиум“, истакнува Нада.
И во пензионерските денови, таа не престанува да бида активна и информирана. За нешто повеќе од седум години прочитала 346 дела, во просек по една книга или еден том на секои 4 до 5 дена.
Ги чита, почитува и секому ги пропорачува сите македонски автори, а посебно ја обожава Лидија Димковска, со која одржува лични контакти. Ги следи новитетите и во македонската издавачка продукција и во тек е со се што е актуелно.
Љубовта кон книгата и читањето се обидува да им го пренесе и на внуките, кои го следат нејзиниот пример, колку им дозволуваат времето и обврските.
„Марија е економист по професија, таа е во Шведска и моментално работи на својата магистратура. Мила е средношколка, одличен ученик, сака да чита, но некако, како и сите денешни деца- сака и да излезе со другарките и има други интереси, сосема нормални за нејзината возраст и во согласност со времето во кое живее“, констатира Нада.
Денеска најголема поддршка и е синот Александар, кој живее и работи во САД. Иако е далеку, ја посетува на одредени временски интервали, кога знаат да заминат на неколкудневен одмор или краток излет за да го надополнат времето во кое не се физички заедно. Благодарна е на современата технологија која им овозможува секојдневна комуникација, видео повици со кои се премостува носталгијата која ја наметнува одвоеноста.
Оваа жена која оставила толку многу на кумановската заедница, никогаш не се обидела да ги истакнува своите достигнувања. Нејзината скроност и покрај нејзината успешна кариера, ја прави уште поимпозантна личност. Контактите кои ги остварила како новинарка и директорка, пак се нејзино најголемо богатство, а спомените за луѓето и настаните во нејзиниот живот и понатаму остануваат живи. Како жена - симбол на упорност, посветеност и љубов кон новинарството и културата, продолжува да инспирира нови генерации.