×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Локалните музеи во нерамноправна положба со националните, децентрализацијата ќе го решава нивниот статус

    19.09.2024 09:41 | Жаклина Цветковска

    Локалните музеи во Македонија играат клучна улога во зачувување и презентирање на културното наследство на своите заедници, но тие се и основа на која се гради и чува националното културно-историско богатство.

    Локалните музеи во нерамноправна положба со националните, децентрализацијата ќе го решава нивниот статус

    Сепак, и покрај нивната важност, овие локални установи  се ставени на маргините на културата и се соочуваат со значајни предизвици кои го ограничуваат нивниот развој и влијание , што бара сериозно внимание и реформи. Завршувањето на процесот на децентрализација, ревизијата на финансиската структура и подобрувањето на кадровската состојба се клучни за осигурување на успешното функционирање на локалните музеи и нивниот придонес за националната културна афирмација.

    Што е локално, а што национално?

    Локалните музеи често носат непроценливо знаење за историјата и културата. Тие чуваат артефакти, документи, вклучуваат локалитети и други материјали кои го одразуваат развојот  и традицијата на еден град или  регион, врз кој се идентификува културата и наследствотото на цела една нација и држава.  Меѓутоа, тие најчесто немаат соодветен  третман и се наоѓаат во нерамноправна положба во однос  на националните музејски установи, кои последните години се „намножија“ како новоформирани институции од национален интерес.
    Според Драган  Величковски, претседател на Мрежата на локални музеи, националните музеи се фаворизирани во однос на локалните установи, а тој проблем се провлекува и во законите за музеите и за култура. 

    „Прашањето е што е тоа помалку национално во Кратово која е локална институција,  наспроти националниот музеј во Кичево, или што е  понационално во Гевгелија како национална установа,  наспроти локалниот музеј во Крива Паланка. Посебно ако се знае дека добар дел од националните установи се новоформирани, најчесто со политички одлуки, без да се процени нивната оправданост“,вели Величковски. 

    Мрежата е основана во 2019 година, а членки се 8-те локални музејски установи во државата и 2 галериски збирки во кои спаѓаат музеите на Град Скопје, Велес, Крива Паланка, Кратово, Виница, Свети Николе, Неготино и Кавадарци. Целта на нивното здружување е да се обезбеди рамноправен третман за овие институции преку завршување на процесот на децентрализација, деметрополизација и деконцентрација на културните ресурси. Посебно да се обезбеди финансиска одрживост и кадровска екипираност – најголемите закани заради кои некои музеи не се во состојба да ја остваруваат и основната музејска дејност.

    „Градскиот музеј од Крива Паланка и Музејот „Теракота“ од Виница се двата единствени музеи во државата кои се основани и целосно финансирани од своите општини. Останатите шест локални музеи се финасираат со блок дотации од централниот буџет, а сите национални музеи се финасираат директно од централниот буџет“, појаснува Величковски.

    Од Мрежата реагираат што поголем дел од буџетот за култура предвиден во програмите за заштита на недвижно културно наследство и музејска дејност одат токму кон националните музејски установи, исто како и вработувањата, што се „рак рана“ за локалните музеи. 

    Народниот музеј во Велес- локална установа со 12  културно-историски единици!?

    Колку е тенка границата помеѓу локалното и националното значење, или поточно дека таква граница не постои и дека  културното наследство не може да се третира според сегашниот воспоставен модел, најдобар пример е Народниот музеј од Велес, кој има статус на локална установа.

    Оваа институција е една од најстарите музејски установи создадени непосредно по Втората светска војна. Нејзин основач е гимназискиот професор Ѓорѓи Милошев,  подоцна именуван за трет по ред архиепископ Охридски и Македонски, Г.Г. Гаврил, кој е една од најмаркантните историски личности на МПЦ-ОА. Првата музејска постановка била отворена на 26.05.1946 година. Како околиски, односно регионален музеј,во својот музејски фонд содржи споменици и артефакти од широката регија на Поврдарието и Дојран. До 2001 година, под јурисдикција на музејот спаѓа и археолошкиот локалитет Стоби, а во периодот на 70-тите и 80-тите години на 20-тиот век под негова ингеренција биле реализирани и меѓународните југословенско-американски истражувања кои ги поставиле темелите на меѓународната соработка на поствоена Југославија.  

    Во моментов под надлежност на Велешкиот музеј спаѓа територијата на општините Велес, Градско и Чашка. Покрај музејската зграда во која се сместени музејските збирки, музејот се грижи и за 11 надворешни единици од кои две - Спомен костурницата на паднатите борци од Велес и Велешко во НОБ и Меморијалниот музејски комплекс во с. Горно Врановци се споменици од прва категорија. Тука се и спомен куќите на Коста Солев – Рацин, Јордан Хаџи Константинов-Џинот и  на Васил Главинов, спомен собите на Коле Неделковски во село Војница и на Петар Поп Арсов во село Богомила, како и куќата на Касапови и Ликовниот салон на Град  Велес. Значи една комплексна структура со објекти и наследство од значење за  искотријата и културата на земјата.

    „Во својот огромен музејски фонд имаме артефакти и споменици од сите аспекти на културното наследство. Ова е особено значајно, затоа што токму оваа територија претставува една од главните рути на развојот на цивилазицијата на овие простори од најстарите периоди на човековата цивилизација, па сè до денес“, вели д-р Анита Василкова Мидоска, кустос советник, археолог и поранешен долгогодишен директор на музејот во Велес.

    Таа образложува дека не е проблем што овој музеј е локална установа, туку што има „локален третман“, наспроти неговото огромно национално значење. Притоа, потенцира дека заради кадровскиот дефицит со кој се соочуваат со години наназад сериозно се доведуваат во прашање  најосновните дејности  на институцијата.

    „Според одобрените акти, систематизирани се 17 работни места, од кои во моментот се пополнети само  шест, заедно со директорот. И тоа тројца од вработените се со високо образование, еден со средно и двајца со основно образование. А пред 20 години,  кога музејот го добива статусот на локална установа, беа вработени 18 лица“, објаснува Василкова Мидоска.

    Таа укажува дека поради недостиг на кадри и нивен одлив во пензија или од други причини за неколку месеци ќе дојде до затворање на три од четирите стручни сектори. Историското одделение од 2022 година, по заминувањето во пензија на кустосот-историчар е затворено, во 2023 година  се затворило и етнолошкото одделение,а во 2025 истото ќе се случи и со одделението за историја на уметноста, така што  ќе остане да функционира само одделението за археологија. 

    „Доколку не се вработат стручни лица и помошен персонал, оваа институција нема да може да функционира и прашање на време е кога ќе биде затворена. Тоа ќе биде вистински „пораз “ за македонската историја,  имајќи предвид дека Велес е градот кој ги поставува основите на културната преродба, социјалистичките идеи и прогресивната мисла на кои се темели нашата денешна држава. На овој начин сите ние како сведоци и протагонисти на оваа состојба ќе сносиме одговорност кон нашите предци но и кон идните генерации“, децидна е Василкова Мидоска.

    Таа посочува дека велешкиот музеј истовремено ги поставува и темелите на музејската дејност на Република Македонија и со самото свое постоење има значајна историска конотација во рамките на оваа дејност, а  неговото опстојување и егзистирање претставува не само неопходност туку и историска одговорност. 

    Ревизија на статусот и начинот на финансирање- решение за локалните установи 

    Мрежата на локални музеи смета дека, во согласност со Националната стратегија за култура, поголем дел од музејските установи треба да преминат на локално ниво и да бидат децентрализирани, а само мал број да останат со статусот национални установи, но сите да имаат соодветна финансиска поддршка од централниот буџет. Тие имаат повеќе предлог решенија кои веќе биле предмет на расправа со надлежните од ресорното министерство.

    „Во државата треба да има само неколку национални установи во музејската дејност, сето останато треба да биде на локално ниво. Суштината на нашето барање е  сите музеи - и локални, и национални, да имаат  рамноправен статус за да функционираат ефикасно“, вели Величковски.

    Пред се, неопходна е ревизија на статусот на музејските институции  со дефинирање на аргументите и условите  со кои еден музеј го добива соодветниот статус.

    „Дали е потребно да се земе предвид музејскиот фонд, територијалната јурисдикција и целокупната инфраструктура со која располага одредена институција или пак кадровската екипираност, односно дали овие два фактори кореспондираат еден со друг или се дијаметрално диспропроционални, е пршање кое мора да биде предмет на опсежна дискусија и анализа, смета Василкова Мидоска, која предлага и ревидирање на начинот на финансирање на музеите и екипирање со стручен и друг кадар. 

    Поддршка на децентрализација и решавање на статусот на локалните установи на најдобар начин дава и новиот министер за култура и туризам Зоран Љутков. 

    „Кога зборуваме за рамноправен статус на локалните институции, зборуваме всушност за еден дел од законот за децентрализација кој е почнат во 2004 година и е „заглавен“ во одредена фаза. Тенденцијата е многу повеќе да се инвестира во локалните самоуправи со блок дотации, да се доделуваат многу повеќе средства и многу поголем дел од  институциите веќе да потпаднат под надлежност на локалната, а не на централната власт, што е и задачата на таа децентрализација“, истакнува Љутков.

    Според него,  обратниот процес, од локално кон национално, е сосема непрактичен. 

    „Пред година и пол наместо да се намалува бројот на национални установи, отворени се  9 нови национални иституции, без никаква анализа и  без никаква потреба и сега се соочуваат со голем број на проблеми и во однос на вработувањето, и во однос на просторни услови“, вели Љутков. 

    Како позитивен пример, тој ја посочува Општина Крива Паланка која е меѓу ретките општини што инвестира во Центарот за култура која е национална установа. Од буџетот на централната власт оваа установа добила  1,5 милиони денари, додека околу  3 милиони денари се обезбедени од  локалната власт.

    „Ова е пример дека полека треба да се трансформираме во еден  поинаков систем. Тоа значи дека и апликациите за програмите за дејности што треба да ги објавиме за другите корисници, полека ќе треба да ги редуцираме и се повеќе средства да им се префрлаат како блок дотации на локалнатата власти, отколку на поединечни проекти“, смета министерот.

    Како пример за важноста на локалните музеи, Величковски , пак, го наведува Градскиот музеј од Крива Паланка.

    „Најголемите културни активности во градот ги финансира токму општината. Тоа е  успешен пример како се имплементира културата и културните активности, а од друга страна и како се заштитува културното наследство. Сметаме дека и во следниот период треба да се продолжи во таа насока“, појаснува Величковски.

    Брањето на Мрежата на локални музеи за рамноправен статус со националните установи го поткрепува и со фактот што овие локални институции се директно поврзани со локалната заедница. Овие установи се дел од системот за заштита на културното наследство, исполнуваат одредени законски услови, а од друга страна имаат и законски обврски да го штитат и да го чуваат и презентираат културното наследство.

    Изработката на оваа приказна е поддржана од Фондацијата Томсон како дел од проектот Култура и креативност за Западен Балкан (CC4WBs). Оваа приказна е создадена со финансиска поддршка на Европската Унија. Нејзината содржина е единствена одговорност на авторот и не мора да ги одразува ставовите на Европската унија.