Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
На регионалната депонија Краста, за прв пат во Македонија се примени нов метод на прскање на отпадот со органски концентрат со живи микроорганизми.
Иницијатор и организатор на демонстрацијата е компанијата „Адут ГВН“ од Куманово и „Органика Нова“ од Скопје кои обезбедија донација во вредност од 5 илјади евра, а спроведена е во соработка со ЈП „Чистота и зеленило“.
Акцијата треба да го покаже ефектот на намалување на емисија на штетни гасови кои се директна причина за самозапалување на депониите, но и спречување и намалување на емисии на штетни гасови во атмосферата.
„Успеавме да издејствуваме да се прска овде на Краста, како една од поголемите регионални депонии. Во светот е веќе пракса депониите да се прскаат со микробиолошки концентрати од живи микроорганизми кои можат да помогнат во разградување на биолошкиот отпад, а целта е да не се создаваат џепови од гас кои се најголеми причинители на пожари. Со ова иницијатива сакаме практично да покажеме на дело како тоа функционира“, истакна Драган Цветковиќ од компанијата „Адут ГВН“.
Ова технологија се применува за прв пат во државата, а за цел има полесно манипулирање и справување со отпадот. Со дронови се распрскува средството на 7,5 хектари на депонијата Краста, а најавените врнежи само можат да го поуспешат дејствувањето на бактериите, габите и останатите микроорганизми да навлезат подлабоко и да обезбедат доволна влажност за развој, размножување и делување на концентратот.
Понатаму со дронови со термо и обични камери ќе се следи состојбата и развојот на ситуацијата, а ќе се направи и детален и прецизен извештај. Освен на Краста планирано е да се делува и на неколку помали, диви депонии во градот, како и на депонијата во Општина Старо Нагоричане.
„Ова ќе биде од големо значење за заштитата на животната средина и намалувањето на ризикот од пожари во нашата општина“, информираше Цветковиќ.
Останува да се види како ова постапка ќе се покаже, ќе се почекаат финалните извештаи, но веќе се размислува да се продолжи со третманот и по завршување на првичната фаза.
„Ќе се обидеме да креираме финансиска конструкција, откако ќе се утврди дали и како може да биде одржлива методата за да ја третираме депонијата на овој начин. Ако ефектите се на ниво со кои би го спречиле ширењето на метан и палењето на депонијата ќе ги преземеме сите активности и ќе бараме финансиски средства и од општината и од сите можни извори. Ги поканувам и останатите субјекти од ова држава кои работат на овој принцип да се обратат кај нас и ние ќе им дадеме можност да го покажат тоа што го поседуваат. Отворени сме за понатамошна соработка“, изјави Ненад Стојановски, директор на ЈП „Чистота и зеленило“.
Според документираните искуства оптимално е ваквите третмани да се спроведуваат 4 до 5 пати годишно. Високите температури не погодуваат за животниот циклус на микроорганзимите, а неопходни им се поголема влажност на средината и доволно течности.
Техничка поддршка, односно со дронови со камера и дрон- распркувач ракуваа екипи на „Лиса Ком“ Кавадарци, кои единствени имаат лиценца за спроведување на вакви активности.