Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
„Ние сме комуникативен народ, кој некогаш повеќе верува на сосетката, пријателот или колегата отколку на медицината, односно на здравствените работници.
Токму и затоа се овие едукативни предавања со цел да се убедат луѓето дека лекот не е бонбона. Тој има сакани дејства, но има и несакани дејства или контраиндикации каде што е строго забранет, кажа Нико Беќаровски, специјалист интернист, доктор на медицински науки на Универзитетската клиника за токсикологија во Клиничкиот центар во Скопје.
Тој викендов одржа предавање за правилно користење на лекарствата и суплементите, во организација на Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри „ЗА НАС“, а под покровителство на Општина Куманово.
Посетителите добиjа совети за хигиенско- диетолошкиот начин на живот на дијабетичарите, а се зборуваше за најчестите лекови кои се користат во Македонија и светот, и колку нашите лекари се запознаени со несаканите ефекти и комбинации поврзани со лекарствата.
„Апелот е дека е убаво и треба да се верува на лекарите, но најдобро и убаво е да се прочита упатството, затоа што некогаш од брзање и желба да се постигне што подобар резултат може да се направи и некоја грешка. Секоја терапија може да биде лек, но може да биде и отров. Ако направиме некое несакано дејство не мора да значи дека е толку трагично или смроносно, но некогаш се соочуваме и со катастрофални последици“, кажа д-р Беќаровски.
За зголемената, па дури и прекумерна употреба на суплементи, тој вели дека е поради тоа што нема построга контрола, кој не е само наш проблем, туку и на целиот свет. Од друга страна, пак, светот во кој денеска живееме диктира и промена во исхраната, хигиената, но и суплементација на нутриенти, витамини и минерали неопходни за одржување на здравјето.
„За жал живееме во свет кој е екстремно загаден, гледаме и со климатските промени што се случува, така да нашите организми не може веќе по природен пат да се адаптираат на овие брзи промени кои се случуваат во околината и животната средина. До некаде е оправдана суплементацијата, живееме во затворени простории, сонцето не го гледаме, седечки начин на живот. Ја секогаш гласам и настојувам да се вратиме кон изворите, на природата- шетање на отворено. Не случајно во развиените држави викендите се минуваат во природа, ние за жал во кафулиња, кафеани и обложувалници“, заклучува д-р Нико Беќаровски.
Викендов на Градскиот плоштад во Кумановосе одржа и бесплатно мерење на шеќер во крвта и притисок, а ги спроведоа ученици од здравствената струка на средното училиште „Наце Буѓони“, под надзор и инструкции на професорите и медицински работници на Општа болница Куманово и Здравствен дом Куманово.