Распишани локалните избори - првиот круг ќе се одржи на 19 октомври
Претседателот на Собранието на Република Македонија, Африм Гаши, денеска (9 август 2025 година) ги распиша локалните избори, првиот круг ќе се одржи на 19 октомври, а вториот на 2 ноември .

Со распишувањето на изборите, почнуваат да течат роковите за спроведување на изборните дејствија, согласно Изборниот законик и според календарот што треба да го донесе Државната изборна комисија.
Првиот круг за избор на градоначалници и членови на советите на 80 општини и на градот Скопје ќе се одржи на 19 октомври, согласно член 16 став 1 од Изборниот законик.
Вториот круг од изборите за градоначалници треба да се одржи на 2 ноември, во единиците на локалната самоуправа во кои изборите нема да завршат во првиот круг.
Според роковникот на ДИК, увидот во Избирачкиот список ќе започне 15 дена по распишувањето на изборите и ќе трае 20 дена. Крајниот рок за поднесување на кандидатските листи за градоначалници и советници е 15 септември.
Вкупниот буџет за изборите изнесува 9,76 милиони евра, од кои две третини се наменети за медиумско претставување и платено политичко рекламирање. Во оваа сума не се вклучени надоместоците за членовите на избирачките одбори и трошоците за транспорт на изборниот материјал, кои се обврска на локалните самоуправи.