Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Јован Јовановски (7), ученик во ОУ „Христијан Карпош“ од Куманово ќе учествува на Светското младинско првенство во Италија.
Првенството го организира Меѓународна шаховска федерација (ФИДЕ) а ќе учествуваат околу 730 натпреварувачи од 80 земји на возраст од 8 до 12 години. Ова е прв негов поголем натпревар, па Јован и неговите родители се возбудени пред патувањето.
„Возбуден е, со нетрпение го очекува поаѓањето, но сето тоа го разбира и прифаќа како некоја игра и шетање, сосема прикладно за неговата возраста. Тргнуваме денеска, во раните утрински часови, летот ни е од аеродромот во Тирана. Иако е малечок, сепак е свесен дека се работи за голем натпревар и за прв пат забележуваме мала трема, до сега шахот го сфаќаше како разонода, нешто што го знае и во што е добар“, објаснува неговиот татко Давор Јовановски.
Тренерот на Јован, Жарко Митковски во подготвителниот период разработил нови шаховски техники на повисоко ниво од она што го работеле досега, се со цел да постигнат подобар пласман, а родителите велат дека тие знаат како да го насочат за биде сконцентриран и мотивиран да постигне поголеми резултати.
„Тој е уште малечок, затоа пред секоја партија го пуштам да се истрча, да се игра со другарчињата, да се релаксира. Кога го оставав да седи да размисли и се концентрира, полошо играше. Научив дека кога ќе му дадам одредена награда - тој игра, победува и веднаш бара да го исполнам ветувањето. Така го прифаќа секој натпревар и добро му оди“, објаснува Давор.
Во Италија ќе престојуваат 14 дена, а светското првенствот се игра во местото Монтесилвано, во областа Пескара.
Јован е член на Градскиот шаховски клуб од Куманово, тренира од пет години, а досега има освоено 11 медали и еден пехар. Досега има одиграно 50- тина меча, а ова е второ негово светско првенство на кое ќе настапува. Светското првенство во Италија е натпревар од највисок ранг, од сите оние на кои до сега учествувал.
Освен Јован Јовановски од Куманово, од Македонија ќе патуваат уште тројца натпреварувачи, двајца од Струмица- Јован Вукашиновиќ и Надица Велкова, во истата категорија на натпреварувачи до 8 години и еден натпреварувач од Скопје, во категоријата до 12 години.