×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • ВЕРУВАЊАТА И КАКО ТИЕ ГО ОБЛИКУВААТ НАШИОТ ЖИВОТ?

    30.11.2024 11:23 | KumanovoNews

    Погледнeте околу себе… сè што го гледате, сè што постои, некој го сонувал, верувал во тоа, одлучил да го постигне.

    ВЕРУВАЊАТА И КАКО ТИЕ ГО ОБЛИКУВААТ НАШИОТ ЖИВОТ?

    Можеби си мислите дека сè е веќе создадено, дека вашиот придонес нема да направи разлика. Но, вистината е – дека секој еден од нас може да ја испише својата приказна. Секој од нас е уникатен, нашите соништа се уникатни. Она што го носиме во себе – тоа е нашата сила!

    Секој еден од нас живее според невидливи правила и тие се како автопилот кои ја водат секоја наша мисла и одлука. Ги нарекуваме парадигми – длабоко вкоренети верувања кои ги прифаќаме како вистина. Верувањата се основа на која се гради нашето секојдневно искуство. Тие не се само апстрактни интелектуални конструкции, туку активни сили кои го обликуваат нашето размислување, дејствување и реакции кон светот околу нас. Нашите верувања не само што одредуваат како се гледаме себе си и другите, туку имаат длабоко влијание на нашето физичко и емоционално здравје. Иако многумина не сме свесни за силата на своите верувања, научните истражувања и теории за личен развој покажуваат дека тие директно влијаат на нашиот животен пат, здравје и успех. Верувањата се формираат низ целиот живот, почнувајќи од најраните години и тоа преку искуства, пораки што ги добиваме од нашите родители, во училиште, околината. Но, и преку повторувани мисли и емоции ние создававме образци на верувања кои стануваат дел од нашето секојдневно функционирање. Иако многу од тие верувања се темелат на реални искуства, тие не мора да се темелат на објективната стварност. Често, тие се филтрираат или искривуваат низ нашиот ум до точка каде што стануваат ограничувачки и создаваат пречки во нашиот живот.

    Но, дали некогаш сте се запрашале: Чија вистина е тоа?

    Верувам дека барем еднаш во животот имате слушнато некоја од овие реченици или нешто слично на нив: “Не барај преку леб, погача.”, “Парите се коренот на сите зла.” или “Немам јас таква среќа.” „Животот е борба, секогаш ќе биде тешко“, „Јас сум премногу стар/а за да започнам нешто ново.“– сè се тоа парадигми кои можеби не се наши, но владеат со нашиот живот. Тие ни кажуваат што можеме, што не можеме и го цртаат хоризонтот на нашите можности. Преку нив го доживуваме светот, донесуваме одлуки и креираме околности. Ако сакаме да го подобриме нашиот живот, треба да се ослободиме од ограничувачките уверувања и да развиеме нови, зајакнувачки уверувања кои ќе нè водат кон успех, здравје и среќа. Патот до тоа не е лесен, но е сигурно возможен.

    Верувањата се нашите клучни двигатели

    Она што го веруваме за себеси и за светот околу себе, го креира нашиот живот. Ако веруваме дека не можеме, дека немаме доволно можности, дека секогаш нешто ќе ни недостига – тогаш токму тоа ќе го доживуваме. Но, што ако одлучиме да веруваме
    поинаку? Што ако одлучиме дека можеме, дека заслужуваме и дека ќе најдеме начин? Замислете ја трансформацијата која што можете да ја направите кога ќе почнете да размислувате така!

    Промената започнува со нас. Неколку прашања кои можат да ви бидат корисни: „Зошто верувам дека не можам?“ „Кој ми кажал дека не сум доволно добар/а?“ „Како можам да ги заменам овие мисли со нови, кои ќе ме поттикнат напред?“ Одговорите на овие прашања ќе ви помогнат да ги распознаете вашите ограничувачки верувања и да почнете да ги заменувате со ослободителни.

    Како би било да ги замените сите тие ограничувачки мисли?

    Наместо „Немам време,“ кажете си „Јас ќе најдам време за она што ми е важно.“ Наместо „Тоа е премногу тешко,“ кажете си „Јас можам да научам и да го совладам.“ Наместо „Другите се подобри од мене,“ верувајте дека „Јас сум единствен/а и мојата уникатност ме прави посебен/а.“

    Нашиот ум е наш најсилен сојузник. Научно е докажано дека нашиот мозок и тело работат во симбиоза и дека нашите мисли и верувања се способни да ја променат хемијата на мозокот. Нашите верувања создаваат мозочни патеки, и дека ако имаме
    ограничувачки верувања, нашите невронски мрежи ќе продолжат да ги потврдуваат тиеверувања преку повторување на истите патеки на размислување и однесување. Преку тоа, создавање на нови верувања, можеме да создадеме нови патеки во мозокот и да ја промениме нашата реалност. Позитивните верувања можат да не мотивираат да преземеме чекори кон целите, правејќи не поподготвени за можности и предизвици. Од друга страна, негативните верувања често нè заробуваат во став “невозможно“, што не води кон пасивност или самосаботажа. Истражувањата покажуваат дека нашите ментални процеси се директно поврзани со физичката состојба на телото.

    Промената на верувањата не е едноставен процес, но е можен. За да ги промениме оние кои нè ограничуваат, потребно е да ги препознаеме и да ги преиспитаме. Не заборавајте дека верувањата не се фиксни. Тие се еластични, подложни на промени и адаптации.
    Колку повеќе ги доведуваме во прашање, толку побрзо може да ги замениме со мисли кои не поддржуваат. Замислете го ова: светот е ист за сите, но како што една фотографија може да биде обична или магична, така и нашиот живот зависи од “леќата” низ која го гледаме. Ако таа леќа е замаглена од ограничувачки верувања, нашиот свет ќе биде ограничен. Но, добрата вест е дека леќата може да се замени.

    Не чекајте идеален момент, затоа што тој момент никогаш нема да дојде. Вие сте вашиот идеален момент. Вашата акција денес ќе го одреди вашиот успех утре. Почнете со мали чекори – променете едно верување, направете една позитивна акција, направете еден чекор кон вашиот сон. И секој пат кога ќе се посомневате, секој пат кога ќе се чувствувате како да застанувате, само вратете се кон тоа што го верувате.

    М-р Ани Спасовска, НЛП тренер