×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Јагнешкото месо околу 600 денари, и цените на другите производи високи за македонскиот стандард

    12.04.2025 10:01 | Оливера Пешевска

    Во месарниците и маркетите во Куманово јагнешкото месо се продава од 580 до 640 денари, а се очекува поголеми количина да пристигне од понеделник. 

    Јагнешкото месо околу 600 денари, и цените на другите производи високи за македонскиот стандард

    Одгледувачите уверуваат дека нема недостиг на јагниња, но цената и годинава ќе биде слична на минатогодишната.
    Високата цена се оправдува со високата цена на откуп која се движи од 250 до 280 денари за килограм жива мера. Сепак, сточарите велат дека на терен им се нуди значително пониска цена, од 210 до 230 денари. 

    „Нема да купам. За тие пари ќе земам две кила свинско. Претераа со цените. Не смеам ни да помислам колку ќе ми треба за да обезбедам сè – јајца, месо, благо, пиење. А редот е познат, на дечињата треба да им се даде и некоја паричка“, вели М.Д., 71-годишна пензионерка од Куманово.

    Јајца има во доволни количини, а најниската цена е во дисконтите. Малите (означени со „S“) чинат околу 150 денари, додека „М“ се продаваат од 178 денари нагоре. На зелените пазари, пак, цената достигнува и до 230 денари.

    Понудата на пролетен зеленчук е солидна, но цените се зголемуваат како што се приближуваат празниците. Доматите на пазар се движат од 140 денари (увозни), 150 денари (розеви), до 160 денари за ситниот, но вкусен македонски домат. Краставиците се продаваат од 100 до 130 денари, по падот што го имаа пред десетина дена.

    Младиот домашен компир чини 120 денари, а увозниот 100. Марулата се продава за 30 денари, додека путерката останува на 50 денари. Зелката поевтине – сега е 50 денари за килограм, а младиот кромид се продава за 30 денари врзопче.

    Кај основните производи нема значителни промени – маслото е 88 денари, маргаринот 39, брашното од 25 до 27, а шеќерот останува на исто ниво.

    Според Државниот завод за статистика, инфлацијата во март изнесувала 2,7 отсто, а цените на мало се зголемиле за 2,2 проценти. Земјоделските производи од почетокот на годината се поскапени за 5,5%, а прехранбените производи за 4,9%, споредено со истиот период лани.

    Сè уште е на сила владината одлука за ограничување на трговските маржи до 10 проценти за месо, млечни производи, шеќер, конзервиран зеленчук и овошје, грав, ориз и тестенини. Од Министерството за економија и труд информираат дека е подготвена новата просечна потрошувачка кошничка, но не се знае кога ќе се објави.

    Христијаните од православна и католичка вероисповед Велигден ќе го одбележат на 20 април.