500x100-1

Идемо на Марс

Милош Стаменковиќ

На телевизиите и на порталите се почесто слушаме и читаме за загадениот воздух. Алармантна горна граница на загаденост е 50 микрограми ПМ10 честички на метар кубен воздух. И просто зачудувачки е кога ќе се сретнете со веста дека:„ Воздухот во Куманово не е за дишење....Мерните станици за квалитет на воздухот вечерва бележат енормна загаденост во делови на Македонија. Во моментот најкритично е во Куманово, со 264 ПМ10 честички“.

И молк. Никој од одговорните нема сенс да излезе и да објасни, како да се справиме со сериозниот проблем, кој директно влијае на здравјето на граѓаните.

Единствена причина, зошто во Општина Куманово се прават „луди и неинформирани“ е фактот дека немаат елементарeн план како да се справат со загаденостa на воздухот. Оправдувањето дека нема пари за конкретна реализација на ветувањата во кампања, не е вистина. Вистинската причина е дека немаат визија и способност да го решат проблемот.

Срамежливо ќе сретнеме на социјални мрежи, тоа е впрочем и најчесто објаснување на градоначалникот за сите проблеми во општината, дека за се се виновни граѓаните. Овој пат делумно во тоа има вистина, но во многу мал процент. Постојат несовесни граѓани, но нивните постапки се последица на катастрофална економска состојба. Зошто некој би користел пластични шишиња за греење, ако има пари да купи дрва за огрев?

Голем број студии за справување со загадувањето, укажуваат дека основен проблем е во сообраќајот и неплански градби, висококатниците кои го спречуваат природното филтрирање на воздухот.

 Бавниот сообраќај предизвикан од нелогичниот сплет на едносмерни улици, направен поради заработка од паркинг е еден од најголемите проблеми. На второто место се катастрофалните последици од делувањето на урбаната мафија, која без никаков план гради во Куманово, а против која градоначалникот најави борба. И се остана на зборови. Единствено граѓаните ги остави во дилема, дали не знае како да се справи со нив или станал и тој дел од истата мафија? Како поинаку да објасниме, дека ќе се гради бензинска пумпа во населено место, а дозвола за таков незаконски објект треба да даде градоначалникот?

Зградите изградени каде на кого ќе му текне, имаат не само последици по изгледот на градот, туку ги спречуваат и природните начини за прочистување на воздухот. Со едноставни зборови кажано, ветровите кои кружат немаат каде да поминат од мафијашко-политичките зделки.

Дали постои решение?

За градоначалникот се ќе остане исто до следните избори. Очигледно единствена задача е оваа лудило да се обликува во прифатлива реалност. Да се релативизира проблемот, и по теркот на „како мали Ѓокица замишља екологију“ самите да прифатиме дека од максимум дозволени 50 ПМ10 честички, и не е голема разлика до 306 ПМ10 честички.

Затоа од сите можни решенија Општината одлучи да преземе два чекора. Првиот е да престане да се мери загаденост на воздухот. Психолошки делува, ако не знаеме дека е загадено, нема ниту да се плашиме. И следниот чекор е да се направи план. Студија на неколку страни, која ќе биде copy-paste од научно списание, на пример: „Како се справува кинеската влада со загаден воздух во Шангај“. Може и анекс, во стилот: „ Влијание на бели сибирски зајаци на загадувањето, во услови на оптимална промена на глобалните климатски влијанија, споредено со ниските предели (булеварот Октомвриска револуција) во однос на делување во повисоките атмосферски области (Банево трло).

Планот ќе се чува до следните избори, бидејќи е комплетно неупотреблив, исто како и макетата и планот за катни гаражи.

Оваа стратегија веќе е применета и се покажа како ефикасна. Имаме очигледни примери. Не се решава атмосферска канализација, и кога имаме поплави се инвестира во чифт чизми, мобилен телефон со најдобра камера, се доаѓа на лице место, 784 фотографии со замислени погледи на функционерите. И се чека мајката природа да го реши проблемот. После дождот доаѓа сонце. Насобраната вода испарува, а дел истекува по природен пад. Експертите, после неколку часа, се враќаат на место на непогодата, сега во костуми и со насмевка, се сликаат уште 729 слики за социјални мрежи и одиме, пак, по старо.

Решението кое го нуди тимот на Општината е исто со подолго времетраење. Загадувањето на воздухот почнува во доцна есен и единствено што треба е да причекаме до рана пролет. И проблемот е решен.

Да не трпиме повеќе вакви инпровизации во 2019 година имаме изнвонредна прилика за спас. Славиме 500 години Куманово. Па уште сега да ги номинираме за Ноемвриска награда, сите кои ќе преживеат до следната година. На големата прослава, преживеаните да добијат скафандер (обука за космонаути не е потребна, бидејќи сме изложени на константна подготовка) може и костум на Дарт Вејдер. Да се организира проштален концерт на плоштадот со  „Џогани фантастико“ и песната „Идемо на Марс“ и од парите кои планира да ги додели министерот Тевдовски, сите да добијат билет за Марс, во еден правец.

Научниците од НАСА тврдат дека на планетата Марс постои надеж за живот. Тие со геофизички истражувања утврдиле дека постои вода и воздух, а со тоа и основи за етаблирање на вселенска станица. Тоа сега засега се научни претпоставки. Но, едно се факти, на Марс не сме сигурни дека има воздух, но во Куманово со 306 ПМ10 честички, воздух сигурно нема.

И ако се потпреме на теоријата на веројатноста на францускиот математичар Паскал, можеме и да заработиме пари, бидејќи Марс против Куманово, котира со 1,25 коефициент во обложувалницата Sport Life.

Милош Стаменковиќ

*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*