500x100-1

Шанса за Премиера

Сашо Тодоровски

28 години имаме државност, држава и граѓани во државата. Цели 28 години практикуваме парламентарна демократија. Дебатираме, одиме на избори, гласаме, очекуваме нешто поубаво и подобро. Скоро сите, секој од нас се вложи директно или индиректно во тој процес на градење, создавање држава. Последниве три четири години беа апсолутно турбулентни за нашево општество. Се случија многу настани кои на некој начин можеби и ја зацврстија и унапредија демократијата.

Една од главните непријатни случки беше нападот во парламентот на 27 април 2017 година. Нешто кое никој ниту во сон очекуваше дека може да се случи и да дојде до тоа. Но се случи и дојде. Деновиве сме сведоци на настани кои се во тесна врска токму со тој немил настан. Што му претходеше на тој настан? Многу поделби, многу лоши политики и многу негативна кампања кон секој кој не мислеше исто. Тоа, не беше демократија. Упадот во Парламентот беше нешто кое го осудија сите здраворазумни луѓе.

Тоа е сега зад нас. Денес сме на крајот на 2018 година и се размислува за подавање рака, се прават и тешки одлуки кои ќе ја откочат Македонија да влезе во друштвото на Европа за да се обидеме да го сочуваме со тоа нашето место под сонцето, и да се приклучиме кон останатиот свет. Понекогаш во политиката има тешки одлуки, а за нашата држава тоа е оваа одлука. Мораме да заборавиме накои работи, да преминеме преку нешто и да подадеме рака за обединување за да покажеме дека сите заедно можеме да направиме нешто од нашава држава. Со поделбите јазот само ќе се зголемува, а треба и мора да најдеме начин како да се доближиме едни до други и политиката да ја користиме за унапредување на животот на нашите граѓани, а не за добивање на куси дневно политички поени кои само ќе не оддалечуваат од целта кон која се стремиме. ОДГОВОРНОСТ секако мора да има, оние кои допринесоа да се направи јазот и омразата мора да одговараат пред законот, за да не се случи повторно такво нешто - токму затоа не смееме комплетно да го заборавиме тоа.

Затоа денес имаме можност и шанса за ПРЕМИЕРА која со својот успех ќе доведе до релаксирање на односите, до создавање на можеби едно заедничко наше јас преку кое ќе се препознаеме, до прифаќање на амандманите од Преспанскиот договор во Собранието и до започнување на нешто ново, ново кое ќе треба да биде прифатено од граѓаните, нешто кое ќе биде отскочна даска за нови моменти и промени кон подобро. Треба сите да се вложиме за да направиме нешто од оваа држава, треба да понудиме решенија секој во својата област. Мора да прикочиме, посебно дел од луѓето кои се уште повикуваат на раздор и нетрпеливост, посебно на нив треба да им се пристапи и да им се објасни дека тоа никаде не не води. Само заедно и сложно можеме да се извадиме од целава ситуација. А кога ќе дојдат изборите тогаш да се натпреваруваме со сите средства кои ги овозможува политиката но јазикот на омразата, насилството и злобата треба да го замениме со факти, аргументи и созадавање на подобри услови за функционирање на општеството.

Очекувам да се намали бројот на луѓето кои сакаат да си заминат од Македонија, очекувам да создадеме можности и еднакви услови за секој кој е тука да успее да најде можност за вработување, за реализирање. Очекувам да созададеме општество во кое ќе се почитува правдата, бидејќи само така можеме да оствариме напредок, само така може да очекуваме задоволно општество.

За крај на овој текст сакам да посакам навистина поубава 2019 година, - година која ќе биде добра за секој, година во која се очекуваат крупни промени за да направиме крупни чекори кон нашата европска иднина.

Сашо Тодоровски, директор на Центар за култура

*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*