Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Куманово ја доби титулата град на спортот за 2019 година од Европската асоцијација на градови на спортот (АCES Europe) од Брисел.
Општина Куманово се кандидираше за ова признание во категоријата средни градови од 25.000 до 500.000 жители, по што делегација откако извршила увид во фактичката состојба, денеска ја соопшти одлуката.
Ги посетивме сите спортски објекти и пријатно сме изненадени што градот дава посебен акцент за развој на спортот на сите возрасти, лицата со попреченост и повозрасните лица. Се надевам дека Куманово и во 2019 година со ист интензитет ќе продолжи да го развива спортот. Спортот ги зближува луѓето и народите, особено кога ќе се постигне спортска победа. Ние очекуваме на секои три месеци да видиме како Куманово напредува во спортот и ви посакувам да уживате во признанието, - изјави Џон Свонсон, потпретседател на Асоцијацијата градови на спортот во Европа, по соопштување на одлуката.
Во името на граѓаните и спортските работници на укажаната доверба се заблагодари градоначалникот Максим Димитриевски
Макотрпната работа на генерации и генерации на спортски работници во нашиот град денеска е потврдена од страна на најпрестижните Европски асоцијации на градовите на спортот. Ние не застануваме тука, имаме намера да продолжиме сите заедно со вас, рамо до рамо, да го развиваме спортот, за да дадеме еднакви можности на сите, но секако и да ги мотивираме младите луѓе, но и возрасните да спортуваат, да се рекреираат и да водат здрав живот, - изјави градоначалникот Димитриевски, кој ја слушна одлуката заедно со олимпијците боксерите Аце Русевки, Реџеп Реџеповски, фудбалерите Саша Ќириќ, Вујадин Станојковиќ, стрелачот Бранимир Јовановски и другите спортисти, кои дадоа подршка на апликацијата Куманово европски град на спортот.
Градовите на спортот имаат обврска во текот на годината да работат на популарилизација и унапредување на спорот, да организираат спортски настани, манифестации и натпревари, во рамките на сопствените можности и проценки.
Градот Лагроњо во Шпанија, кој бил град на спортот, ја искористил титулата со тоа што економскиот бенифит за градот изнесувал 44 милиони евра.
Градоначалникот рече дека и целтта на Куманово е да имплементира што повеќе проекти и да бара поддршка на сите можни нивоа, почнувајќи од Владата, бизнис секторот и фондовите на ЕУ.
Со добивање на ова признание на самиот старт добиваме дополнителен број на поени при аплицирање за проектите. Се надевам дека ќе успееме да ги искористиме позитивните примери на останатите градови добитници на признание, со тоа што ќе ги споделиме нивните искуства, конкретно примерот што беше даден за Шпанија. Да видиме како тоа успејале да постигнат таков раст, - додаде Димитриевски.
Доделувањето на повелбата ќе се случи на 4 декемви годинава во Европскиот парламент во Брисел, а ќе ги добијат уште четириесетина градови во светот, во разни конкуренции. До сега ни еден град од Македонија не понел вакво признание,а Куманово единствената Општина што годинава аплицирала за признанието.