×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Метод на безболно породување промовиран во Кумановската болница

    31.10.2019 10:08 | KumanovoNews

    Во Општата болница во Куманово, на Одделението за гинекологија и акушерство, од американскиот анестезиолог Иван Величковиќ,  беше промовиран новиот метод во акушерската анестезија, односно, методот на безболно породување.

    Метод на безболно породување промовиран во Кумановската болница

    Докторот вели дека во текот на два и пол дена, од неговиот престој, со помош и лекарите од гинекологија, направиле три аналгезии за породување, односно ја спровеле методата на целосна безболност во текот на породувањето на три пациентки.

    "Направивме две различни методи за обезболување на пациентките. Потребни се само пет минути за една мала игла да се стави во грбот на пациентката и да добие анестетик и потоа во текот на две-три минути сите болови да престанат. Жените се пораѓаат на истиот начин како и кога не им е даден анестетик, единствена разлика е што на овој начин не чувствуваат болка",- вели докторот Иван Величковиќ, кој е директор на "SUNY Downstage Medical Center" во Бруклин, при  одделот за акушерска анестезија.

    Тој додава и дека овие методи веќе се работат во Америка, а од неодамна ваков начин на породување се применува и на некои клиники во Скопје. 

    Пациентките велат дека се задоволни од спроведувањето на оваа метода и дека има огромна разлика од првото породување со второто безболно породување и дека кога повторно би раѓале би го избрале истиот начин, бидејќи не чувствувале никаква болка.

    Директорката на Општата болница Снежана Захариева вели дека за спроведување на оваа метода не се потребни многу големи средства, дека останува само да се најдат квалитетни игли од квалитетен производител и да се продолжи со спроведување на методата.

    „Најбитно е здравјето и задоволството на нашите пациентки на овој оддел каде се доаѓа за убаво, за рожба, за најубавиот чин во животот на една жена. Така што, ќе се потрудиме да имаме се' што ни е потребно, а во моментот имаме се' што ни е потребно за да отпочнеме со оваа метода“,- додава Захариева.

       Кога станува збор за ризикот, докторот вели дека сите процедури кои се изведуваат во медицината врз пациентите вклучуваат одреден степен на ризик, почнувајќи од интравенозна терапија, па се' до неврохируршки зафати.

    „Анестезијата има одреден степен на ризик, но вкупната корист за пациентот е толку голема, што вкупниот ризик за пациентот е помал отколку да е пациентот без анестезија. Пациентот со анестезија е побезбеден од пациентот без анестезија“,- додава  докторот Величковиќ.

    Овој метод се реализира во рамки на Проектот за соработка помеѓу американски и македонски доктори, а освен во Куманово, други двајца доктори се распоредени во болниците во Штип и Битола.