×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • ЕДЕН ПОИНАКОВ ОСМИ МАРТ

    Атина Мургашанска

    Во настојувањето да бидеме поразлични, нестереотипни и оригинални, многу често се губи смислата и целта на нештата, а формата испливува над суштината. Така, бегајќи од етикетите на екстремен феминизам или пак провинцијален традиционализам, од година во година се бараат нови форми на анимирање на јавноста за прашање кое ни од далеку не е апсолвирано, а уште помалку решено. Прашањето е, всушност, плејада на состојби, проблеми и последици, преточени во севкупна рамка наречена: Положбата на жените во општеството.

    Пак ли? - ќе кажат некои, или до кога? Па, се им дадовме, а тие само бараат и се им е малку. Дали навистина е така и дали самиот факт на барање и реагирање не е доволно илустративен дека положбата на жените е поле за работа без крај? Зашто крајот е всушност почеток на еден нов свет на еднакви можности за сите, во кој нема место за доминација на ниту еден од двата пола или двата рода.

    Без амбиција за длабоки социолошки анализи, да ја погледнеме положбата на жените, овде и сега. Де јуре, или согласно позитивните законски прописи, жените и мажите се изедначени пред Уставот и законите. Им се гарантираат еднакви права и можности во речиси сите општествени сфери, еднаков пристап до работа, ресурси и кариера. Дури се отиде и чекор понатаму, жените уживаат посебна заштита во остварувањето на правата на мајчинство, правото на работа и заштитата од различни облици на вознемирување, мобинг и попречување. Со ратификацијата на Истанбулската конвенција се зајакна процесот на креирање на закони што ги санкционираат сите облици на насилство врз жените и девојчињата.

    Но, дали, де факто, сме потполно еднакви или некои се малку поеднакви? Што со сеуште присутниот родов јаз во платите? Колку ги препознаваме скриените форми на финансиски привилегии за едните за иста работна позиција со ист степен на образование? Дали во моментов можете да се сетите на некое женско име на чело на некоја моќна компанија? На едно- две можеби, а секоја година бројот на жените што дипломираат, магистрираат или докторираат е далеку поголем од оној на мажите. Колку скалила треба да искачат и колку пречки да прескокнат за да докажат дека се подеднакво способни во улогата на менаџерки, колку и во улогата на учителки, воспитувачки и медицински сестри? И уште многу прашања кои заслужуваат силен општествен и одлучен одговор.

    Како социјалдемократка особено сум горда што партијата од која доаѓам, а особено нејзиниот Форум на жени, кој е предводник на процесите што доведоа до значаен напредок на положбата на жените во политиката. Се изборивме за законски обврзно присуство на четириесет проценти на помалку застапениот пол на изборните листи, а во нашите органи и нашите листи за паритетен однос на 50:50.

    Со право го понесовме епитетот на лидерки во регионот во оваа област, но што е со извршната власт? До кога жените што водат некој владин ресор или менаџираат со општините ќе се бројат на една рака? Можеби тогаш родовото буџетирање нема да биде баук, а потребите на граѓаните ќе бидат подеднакво канализирани и испочитувани. Домаќинското работење ќе стане правило, а грижата за заедницата врвен приоритет.

    Во пресрет на еден поинаков Осми март, во услови на пандемија и онлајн комуникација, колку и да тежнееме кон нови форми на артикулација на нашиот глас, протест и напор, трајните вредности остануваат константа. Време е за чесните, одлучните и способните во сите сфери и нивоа, без оглед дали го носат машкиот или женскиот предзнак.

    Градот во кој живееме е интересен и позитивен пример на мапата на женското лидерство. Со право е посочуван за успешна женска приказна во која на речиси секоја позначајна инстутиција стои жена директорка, раководителка или претседателка. Дури и со традиционално „машките“ професии како што е полициска станица, судот и обвинителството, веќе неколку години успешно раководат жени. Последниот исчекор во тој правец е направен кога за првпат беше назначена директорка на едно општинско јавно претпријатие, позиција до сега „резервирана“ само за мажите менаџери. Впрочем, не попусто Куманово од секогаш било авангарда во општествените движења и процеси, од Црвено Куманово во далечните дваесетти од минатиот век, па до сега.

    Во пресрет на еден поинаков Осми март, и не само поради короната и вакцинацијата, туку поради отворање на ново поглавје во вреднување на компетенциите, ерудицијата, некорумпираноста и визионерството, време е за нов предизвик за „Мајка“ на градот, можеби. Затоа што нема женски и машки професии, нема женски и машки улоги и одговорности. Има само способни и неспособни, модерни и конзервативни, мудри и површни, лојални и превртливи, добри и лоши луѓе, Кумановки и Кумановци.

    Атина Мургашанска Координатор на Форумот на жени на ОО на СДСМ на Куманово, Атина Мургашанска

    *Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*