×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • ЖИВОТ СО СТИЛ, НО И СО УСУЛ!

    Атина Мургашанска

    Да се има стил, да се поседува таа префинета одлика на посебност, препознатливост и неповторливост, не е доволно само да негувате оригинален имиџ. Ниту, пак, тоа подразбира претенциозност или елитизам, кој често пати се граничи со примитивна надуеност или уште полошо, малограѓански кич и неподносливо дистанцирање од околниот свет. Да се има стил, се подразбира една фина доза на посебност сама по себе, никако наметната, извештачена или гротескно пресликана и „ препишана“. Впрочем, Нушиќевата „Госпоѓа министерка“ ја среќавале и ја среќаваме и денес на улиците на Париз, Лондон, Москва, Белград или Скопје, ама и во секоја градска, приградска или рурална средина. Се' почесто таа веќе не е Таа, туку е Тој, со еволуцијата на родовите улоги и растот на женското лидерство. Нормално, освен Први дами имаме и Први господа, се' почесто и насекаде. И не само на државно и политичко ниво, туку и во бизнис круговите, спортот, уметноста, аграрот, туризмот и во било која сфера. За среќа, некои од нив сосем добро се носат со улогата, која им ја довериле или по дефиниција им припаѓа.

    Многу одамна под стил подразбирале само уметнички израз во сликарството, книжевноста,архитектурата и градежништвото. Потоа стилот се фокусирал на посебниот начин на изразување на мислите, бил тој книжевен, поетски или службен и официјален говор. Мене, лично, најмногу ме бендисува една прекрасна етимолошка дефиниција која за стилот вели: „Чист, благороден, неизвештачен и природен начин на прикажување.“

    Во ерата на едно консумеристичко општество, водено од девизата must have, стилот се бори со модните трендови, со она што е in, every green или vintage. Светот како глобално село не ги диктира само трендовите во модната индустрија и стилот на облекување и визуелно себепретставување, туку и во уметничките и софистицираните кругови и сфери на влијание. Од тука се наметнуваат сликари во тренд, in поети или писатели, дури и архитекти, фотографи, фризери или популарните „стилисти“. Личната култура веќе никој не ја мери по базичните познавања од класичната литература, музика или ликовна уметност, туку по бројот на прочитаните бестселер романи, одгледаните трендовски претстави или филмови за кои се зборува. Да не се разбереме погрешно, популарноста многу пати оди рака под рака со квалитетот, оригиналноста, востановените системи на вредност и компетентните признанија. Но, неретко е и резултат на усовршените маркетинг техники, ПР трикови и консумеристичката психологија или економија.

    Политиката или политичките кругови никако не се имуни на овие модерни трендови, движења и цели научни дисциплини. Од памтивека, па до денес и во политичките кругови се пресликувале актуелните трендови во појавноста, изразувањето, себепретставувањето и промовирањето. И обратно, влијателните политичари не ги диктирале само правците на развој на државите, политичките партии или локалните самоуправи, градовите и селата, туку понекогаш имале примат во уметничките, модните или бизнис трендовите. Дигитализацијата воопшто, а особено новите медиуми и социјалните мрежи кумуваат на овие испревртени општествени процеси и влијанија.

    Па, така се доведуваме до апсурдни ситуации, полуписмени фактори во политиката да се дрзнуваат да говорат за уметноста, препорачуваат претстави или книги кои ги прочитале зошто така треба или некој им го прераскал сижето. Повторно да не се разбереме погрешно, успешен политичар не мора да биде и човек со широка општа култура и склоност према уметноста или читањето и пишувањето. Дури не мора да биде ни формално или неформално образован. Токму затоа, во критериумите за одредени позиции, покрај општите предуслови за неосудуваност или водење на кривични постапки, никаде не стои степенот на образование. И тоа е во ред. Дипломите не секогаш се доказ за нечии компетенции за менаџирање, лидерство, а најмалку за чесност и авторитет. Но без последните две особини, никој не би требало ни да помисли да се зачлени во политичка патија, а камоли да претендира за одговорни извршни позиции, како што во моментот се претстојните локални избори и позицијата на член на советот или прв човек на градот, општината.

    Не, не се ова само обични флоскули и многу пати повторувани предизборни ветувања, политички памфлети или изборни слогани и пароли. ТАА или ТОЈ треба да се чесни, непоткупливи, отворени и достапни за граѓаните и пред и по изборите, а не само во предизборните видео спотови и предизборните средби со граѓаните.

    ТАА или ТОЈ својот авторитет, углед и влијание треба да го црпат од реалното CV или што тоа
    направиле во животот, работата, професијата или партијата. За нивните способности, вештини, карактерни особини, професионални или образовни достигнувања треба да говорат нивните сограѓани, соседи, колеги, сопартијци, но и политичите противници. Особено треба да се измерат симпатиите на неопределените, аполитичните и сите категории на сограѓанки и сограѓани. Рековме веќе, дипломите и професионалните звања не се пресудни, но никако не и занемарливи. Впрочем,тоа што некој посветил години и години во образување и стекнување на академски знаења, па уште и со високи оценки, говори за профилот на личноста, наспрам, на пример, некој друг кој преферирал полежерно да ги помине средношколските или студентските денови.

    Тоа што некој чесно, самостојно, со сопствен труд редел петки или десетки и подоцна придонел за развојот на градот, општината или пошироко или, пак, професионално се надградувал или развивал сопствен бизнис, почитувајќи ги законските прописи и правила на игра или се борел за место под сонцето во земјоделието, приватниот бизнис или кај и да се нашол, само ја склопува комплетната слика за „кандидатите за кандидати“. Ваквиот мерит- систем не е применлив само при вработувањето или унапредувањето, туку и при изборот на членовите на општинските совети и првите луѓе на општините.

    Се' оди со незапирлива брзина, не само модерните возови со 400 и повеќе километри на час,
    хибридните или автомобилите и автобусите на електричен погон, подземните и надземните
    железници и жичари, на пример, туку и мерењето на јавното мислење, популарноста и
    прифатливоста во електоратот, популарно наречено рејтинг. Од класичните разговори, до фокус групите, tete a tete, телефонските или online анкетите, интервјуата и дебатите во живо со
    политичките конкуренти, до презентацијата на сопствените програми, планови и визии за
    уредувањето, раководењето и напредокот на градовите и општините. Така да, постојат и домашни и увезени модели, начини и правила за избор на кандидати за кандидати, кои ако се следат доследно и соодветно ќе доведат до најдобрите кандидати на една политичка партија, независна листа или група граѓани за советнички и советници, градоначалнички и градоначалници.

    Да се навратиме на горенаведената експликација за живот со стил, во изворното значење на чист, неизвештачен, благороден и природен начин на прикажување. Зошто, во едноставноста е
    совршеноста, ако воопшто ја има, а во искреноста и природноста, клучот за допир до сечиј ум и срце.  Затоа, драги колеги, живејте го животот со стил, но и со усул! Себепреставување во погрешно и за нас несвојствено светло е контрапродуктивно и погрешно. Лошото глумење и ефтините политички трикови се провидни и одамна прочитани од граѓаните. Еден искусен политичар неодамна потсети дека ниту се крева ниту се спушта значајно рејтингот за месец- два. Ниту преку ноќ ќе се претвориме во хуманитарци, алтруисти и оратори, градители, менаџери и лидери, а уште помалку бирачите се со кусо паметење или наивни да проголтаат нашминкани слики за семејни идили, чесни граѓани и омилени политичари. Нашите соседи Срби велат:

    Или јеси или ниси Лав... или Лавица! И не само во хороскоп, како во мојот случај.

    И да, не можам да одолеам да не му одговорам на мојот колега, колумнистот пред мене, на
    прашањето од каде толкавата желба за себепромовирање за „ Татко на градот“ и зошто баш
    „Татко на градот„? Одлични прашања кои заслужуваат одговор, кој веќе го дадов меѓу редовите на погоре кажанато. Но, еве и експлицитно. Желбите се неограничени и секому е дозволено да мечтае или фантазира. А зошто баш „Татко на градот“, а не „ Мајка на градот„ на пример?! Одговорот ќе го добиете многу скоро од граѓаните, а во овој момент само едно потсетување:

    Само една е Мајка, единствена и незаменлива!

    Атина Мургашанска Координатор на Форумот на жени на ОО на СДСМ на Куманово, Атина Мургашанска

    *Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*