Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Лабораториските анализи опфаќаат 1/3 од сите дијагностички испитувања, а резултатите од добиените анализи им помагаат на докторите клиничари во поставување на точна дијагноза на заболувањето, следење на ефектот од дадената терапија, како и прогноза за некое заболување.
Затоа, од особен важност е пациентите правилно да се подготват за земање на примероците од крвта и урината за да се добијат релевантни резултати. Во нашето истражување за здравствените услуги во Североисточниот регион, дел од граѓаните посочија примери за различни лабораториски наоди во различни здравствени установи, поради што кај нив се јавува неизвесност кои резултати се точни и како да се постапува во такви случаеви.
За таа цел, ви ги пренесуваме советите на д-р Оливера Жиковска, специјалист по медицинска биохемија од Клиниката „Жан Митрев “ што треба, а што не треба да земате пред биохемиските анализи, кога е најдобро да се направат испитувањата и што се може да влијае на наодите.
За повеќето лабораториски испитувања на крвта неопходна е подготовка која подразбира земање на примерок од крвта на празен стомак, наутро, 12 часа од последниот оброк, а доколку се одредуваат липиди (масти) 12-14 часа од последниот оброк. Примероците треба да се земат обично меѓу 7-9 часот наутро или најдоцна до 10 часот, после 10-15-минутно опуштање во лежечка положба.
„Ова е неопходно затоа што консумацијата на храна во периодот пред земањето на крвта доведува до пораст на концентрацијата на глукоза, липиди (холестерол, триглицериди), протеини, серумско железо и други метаболити“, појаснува д-р Жиковска .
Таа препорачува еден ден пред лабораториските анализи да се конзумира лесна храна, која не е богата со масти и шеќери, а последниот оброк да не е обилен и да биде најдоцна до 18 часот вечерта пред да се вршат испитувањата.
Покрај тоа што пациентите треба да се гладни, тие не треба да консумираат ниту кафе, чај, алкохол и цигари, а може да земат единствено вода по потреба. Истовремено, треба да се избегнува физичка активност 3 дена пред земањето на крв.
„Посебно внимание треба да се обрне на витаминските додатоци, кои може да влијаат на резултатите. Доколку се земаат витамини од групата Б, а треба да се направат анализи на хормони, тумор маркери и слично, треба да се прекине нивниот внес 7-10 дена пред лабораториските анализи“, советува д-р Жиковска.
Покрај терапијата што се зема, а за која мора да се информира медицинското лице, потребна е и одредена состојба и положба на пациентот при земањето на потребниот примерок. Така, за испитување на вредностите на пролактин, кортизол и други хормони потребно е пациентот да биде во состојба на потполна релаксација и мирување, односно во лежечка состојба 20 – 30 минути. За пациентите, пак, кои примаат орална антикоагулантна терапија се препорачува вадење на крв во утринските часови и земање на вообичаената терапија после вадењето на крвта. Ова важи и за пациентите кои се на било која хронична терапија.
„За да се добијат веродостојни резултати, во договор со докторот, земањето крв треба да се врши после прекин со терапијата и времето неопходно целиот лек да се исфрли од организмот. Ова особено се однесува на терапија со железо, витамински препарати, хормонска терапија и друго“, посочува д-р Жиковска.
Истите совети и препораки важат и при земањето на урина за анализа. Се зема првата утринска урина, среден млаз, во стерилен сад и во најкраток можен рок треба да се однесе во лабораторија. Ако пациентот не е во можност да дојде веднаш, урината може да се стави во фрижидер. Прегледот на примерокот од урина треба да се направи најдоцна 2 часа од неговото земање, а максимално 4 часа ако урината се чува во фрижидер. Доколку се одредуваат анализи во 24 часовна урина, пак, пациентот треба да испие околу 1,5 литри вода, а урината да се собира во пластично шише.
Доколку станува збор за тест на оптеретување со глукоза, кој трае 120- 180 минути, пациентот треба да мирува, да не јаде, пие и пуши. Неколку дена пред изведувањето на тестот, пациентот треба да е на урамнотежена исхрана, а 3 дена пред тестирањето дополнително се оптеретува со јаглени хидрати (100 - 150гр.чоколада- ова не важи за трудниците) и не би требало да се изложува на поголеми физички напори. Би требало да се прекине и со земање на одредени лекови кои влијаат на метаболизмот на гликоза како што се кортикостероиди, но само во договор со лекарот.
Посебна подготовка бара и испитувањето на невидлива крв во столицата. Потребно е пациентот да се придржува на тридневна „бела диета“, односно да не се конзумира: црвено месо, црвено овошје, црвен зеленчук, црвени сокови, C витамин, цитрусно овошје, препарати на железо и антивоспалителни нестероидни лекови, за да не се добијат лажно позитивни резултати.
„Тестот не треба да се спроведува за време на менструално или друг вид на крварење, ако пациентот прима антикоагулантна терапија и ако последните седум дена имал интервенција на усната шуплина и ректумот. Пациентот треба да донесе три примероци од три последователни денови“, објаснува д-р Жиковска.
(Ж.Цветковска)