Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Семејство од Куманово претрпело огромен шок и стрес кога нивното 3,5 годишно детенце со резултат на покачени Д-Димери морало итно да биде хоспитализирано во болница во Скопје, бидејќи вредностите на овај параметар за само еден ден му се зголемиле за повеќе од 3000. Тоа ги принудило родителите да направат дополнителни испитувања во други лаборатории, при што се покажало дека параметрите се во границите на нормала.
Паниката се смирила, но, останал стравот и вознемиреноста, што се можело да се случи со здравјето и животот на детето, доколку било хоспитализирано во ковид центар и примало терапија за нормализирање на вредностите на Д-Димерите.
Ова е само еден случај на добивање различни лабораториски наоди во различни здравствени установи, што го посочија повеќе учесници во анкетата на Кумановоњуз за здравствените услуги во Североистокот. Пациенти од Куманово, Крива Паланка и Кратово, велат дека кај нив се јавува неизвесност кои резултати се точни, на кој лекар да му веруваат, чии препораки да следат, а да не биде на нивна штета. Дури и лекарите во одредени ситуации имаат реакции на различните резултати од една до друга лабораторија или од една иста лаборатарија за многу краток период.
Мајката на детето која што сакаше да го сподели своето негативно искуство со јавноста, а притоа инсистираше да биде анонимна, објаснува дека детето детето како мало имало бронхопневмонија, која успеале да ја излечат. Неодамна се разболело, покачило температура и му дијагностицирале ангина. Го однеле на Детското одделение и примило терапија во дневната болница во Општа болница Куманово. Кога ги добиле резултатите од анализата на крвта започнала голготата.
„Ни рекоа дека Д-Димерите се покачени, изнесуваа некаде околу 1000 и препорачаа да ја повториме анализата за секој случај. Новите резултати достигнаа вредност од 4.300. Бевме во шок, не знаевме што да правиме. Лекарите бараа итно со болничко возило да одиме во ковид центарот во Козле, каде не најавија. Не можевме да поверуваме како за само еден ден толку многу се покачиле вредностите на Д-Димерите“, сведочи мајката.
Во меѓувреме на 3,5-годишното дете му направиле и брз тест за корона, кој се покажал негативен. Родителите не знаеле како да постапат, па се консултирале и направиле дополнителни анализи.
„Тргнавме кон Скопје со сопствено возило, со намера да одиме во ковид центарот во Козле, но најпрвин сакавме да направиме уште една проверка. Отидовме во приватна лабораторија повторно да ги провериме Д-Димерите. Резултатот покажа дека тие се во нормала, вредноста им беше 220. Не можевме да поверуваме, како е можна толкава разлика“, вели нашата соговорничка.
По ваквиот наод, а и бидејќи детето се чувствувало добро, тие решиле да не одат во ковид центарот Козле и се вратиле во Куманово. За секој случај, утредента направиле уште една анализа на Д-Димерите во приватна кумановска лабораторија. И таму резултатите се поклопиле од скопската лабораторија. Детето продолжило да пие антибиотик и се се` завршило добро.
„Да не се разбереме погрешно, многу сме му благодарни на лекарот од Куманово, сепак тоа се резултати од лабораторија. Но, не знаеме што се случува, зошто има вакви огромни дискрепанци во анализите. Уште сме потресени од можноста дека можевме да завршевме во ковид центар каде во опасност од зараза ќе беше доведено и детето и ние. А да не зборувам, пак, за терапијата. Се прашуваме што ќе се случеше ако беше подложено на антикоагулантна терапија, што сме сведоци дека се дава на болни од ковид со покачени Д-Димери“, вели мајката.
За да ја разјасниме дилемата зошто се добиваат различни вредности од лабораториските анализи и како да се постапува во такви случаеви, побаравме стручно мислење од д-р Оливера Жиковска, специјалист по медицинска биохемија од Клиничката болница „Жан Митрев“ во Скопје.
Таа вели дека е неопходен комплексен приод кога станува збор за биохемиските анализи, а во предвид мора да бидат земени сите сегменти од овој процес, почнувајќи од начинот на подготовката на пациентот, земањето на примерокот од крвта, типот на реагенси, апаратурата, методите и техниките на обработка на земените примероци. Сите тие можат да дадат разлики во резултатите и да влијаат на нивната веродостојност.
„Методата со која се испитуваат Д-Димерите е многу важен фактор, затоа што кај некои од нив може да настане интерференција на одредени антитела со параметарот што го испитуваме. На пример при испитување на Д-Димерите со имунохемиски методи, ако има присуство на одредени антитела во примерокот, тие интерферираат со споменатиот параметар и тогаш концентрацијата на Д-Димерите привидно е зголемена, бидејќи доаѓа до реакција на антигенот со антителото од реагенсот и со автоантителата“, објаснува д-р Жиковска.
Таа посочува дека и тие се соочиле со ситуација кога кај пациент, излечен и редовно следен после прележување на ковид инфекција, во добра здравствена состојба, добил високи Д-Димери. Ја повториле анализата во уште две лаборатории што работат со различни методи и добиле различни вредности-од едната високи, а од другата нормални.
„Барајќи каде е проблемот, откривме дека во меѓувреме пациентот се заразил со инфективна мононуклеоза и при тоа создадените антитела интерферирале со антителата од нашата метода и се добиле високи вредности на Д-Димерите. Затоа, потенцирам дека е многу е важно да се лекува пациентот, а не добиените лабораториски резултати, односно тие секогаш да се разгледуваат заедно со клиничката слика на пациентот, другите клинички испитувања и фактори, па потоа да се одредува дијагнозата и терапијата“, нагласува Жиковска.
Се проценува дека 70% од клиничките заклучоци се базирани на информациите добиени од лабораториските резултати, па затоа многу е важно тие да бидат точни, а уште поважно точно да се интерпретираат. Најпрвин, заради користењето на различна апаратура и методите со кој се изработуваат биохемиските анализи, може да има одредена разлика во референтните вредности, но нема место за паника, затоа што сите тие се во рамките на нормалните граници и не отстапуваат од нив. Понатаму, има и низа други фактори кои влијаат на лабораториските анализи, како што се употребата на одредени лекови, витамини, биолошки, методолошки и надворешни фактори, што мора да бидат земени во предвид при точната интерпретација на лабораториските наоди. Но, проблемот настанува доколку има пропусти во пропишаните процедури и протоколи при испитувањата, кои опфаќаат три фази: преданалитичка, аналитичка и постаналитичка фаза.
„Секоја од наведените фази има значајно влијание на резултатите од лабораториските испитувања.Статистичките истражувања покажуваат дека 63% од сите лабораториски грешки се случуваат во преданалитичката фаза, која се состои од соодветна подготовка на пациентот, негова точна идентификација, правилно земање на потребниот примерок од кој ќе се изработуваат анализите итн. Како резултат на овие грешки, 11% од пациентите добиваат погрешно лекување, односно примаат погрешна терапија, а 15% поминуваат низ понатамошни непотребни испитувања“, посочува д-р Жиковска.
Во современите лаборатории кои се стандардизирани, се користат софистицирани и современи анализатори од затворен систем со што во голема мера се намалени грешките предизвикани од човечки фактор. Податоците зборуваат дека со воведување на автоматизираните анализатори грешките во аналитичката фаза се намалени за 7-13 проценти. За да се постават контролни механизми за следење на точноста на биохемиските резултати постои внатрешна и надворешна контрола на квалитет. Со нив се контролира точноста на работата и се избегнуваат грешки.
Д-р Жиковска вели и дека е многу важно пациентите да ги следат препораките на стручните лица при подготовката за земањето на примероци за анализа, но и да не „шетаат“ од лабораторија до лабораторија. Нејзина препорака е пациентите кога прават испитувања во одредена лабораторија, за следење на ефектот од дадената терапијата, повторно анализите да ги прават во истата лабораторија.
(Тим Кумановоњуз)