Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Мнозинството во Советот на Општина Куманово, коалициjата на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ, на вчерашната седница го прифатија предлогот да продолжи субвенционирањето на линискиот превоз до крајот на 2024 година.
За таа намена од општинскиот буџетот ќе бидат потрошени уште 11 милиони денари (близу 180 илјади евра), 10 милиони за превозот на територијата на Општина Куманово и 1 милион за меѓуопштинскиот, до Општина Старо Нагоричане.
Советниците од опозицијата коалицијата на СДСМ и ДУИ, ги повторија нивните ставови, дека начелно не се против ваквата мерка, но сметаат дека таа треба да биде на одредена категорија на луѓе.
„Мерката за бесплатен јавен превоз треба да создава можности за тие кои не можат да ги измират трошоците за превоз- студентите, пензионерите и социјалните случаи. Ние, како општина немаме инфраструктура, ниту стопанство за мерката. Постои само индустрискиот капацитетот на „Дрекслермаер“ кој си има сопствен превоз за вработените. Сума од 60 милиони денари годишно за Општина без приходи во буџетот е фатално. Наместо да се користат овие средства за други намени, особено за инфраструктура, ние немаме ниту еден резултат од оние кои беа наведени како причина, освен за тие што имале потреба за свои лични интереси, и мерката е користени за политички поени“, потенцираше Менду Асани, советник на ДУИ.
Тој потсети дека иако се финансира од даноците на сите граѓани, со бесплатниот јавен превоз не е опфатено целото подрачје на општината.
„Целите за воведување на мерката беше да се намали бројот на возила, но тоа не се постигна. Секогаш имаме хаос во градот од премногу возила, бесплатниот линиски превоз немаше ефект, не е функционален. Второ, заштита на животната средина и намалување на загадувањето на воздухот, а нашата Општина е најзагадена на територијата на Македонија. Трето беше потик на економскиот развој, ние сме една од најнеразвиените општини“, истакна Асани.
Миле Андоновски, од СДСМ изнесе податок дека единствено мерливо од бројките кои им се презентирани е дека Општина Куманово на сите превозници кои учествуваат во мерката им плаќа за вкупно поминат 1,537 милиони километри на годишно ниво. До конкретни податоци стигнал со едноставни пресметки на милион евра помножени со 61,5, среден курс на еврото и поделено со 40 денари за изминат километар. Категорично тврди дека не постои никаков доказ, ниту е направен напор од предлагачот да се потврди бројноста на корисниците на услугата.
„Него можат да го користат буквално сите кои се во Куманово, па и не се жители на општината, што е исто така дискутабилно од аспект на законито користење на буџетски средства. Субвенциите мора да се однесуваат на конкретно дефинирани категории граѓани или жители на Општина Куманово. Истовремено истите превозници вршат и ученички превоз кој се плаќа со трансфер на средства од централниот буџет во локалниот. Сомнежот дека постои, народски кажано ујдурма, или тргување со влијание е толку силен, што вака нетаргетирано субвенционирање апсолутно не можам да поддржам“, објасни Андоновски.
Предлагачот, општинската админстрација тврди дека постои огромна заинтересираност и задоволство кај граѓаните за мерката - субвенциониран линиски превоз. Постојано добивале барања за воведување на нови линии и дополнителни термини за поаѓања, но во моментот општината нема доволно финасиски средства за проширување на мерката.
Бесплатниот јавен превоз започна да се применува од 1 јануари 2023 година и до сега е продолжуваше неколку пати. Минатата година беа потрошени повеќе од 1 милион евра, а до крајот на годината на сметка на превозниците ќе бидат уплатени околу 1,18 милиони евра.
Иако беше најавено дека ќе се постават автобуски постојки на повеќе локации, тоа не е исполнето, па патниците се земаат од небезбедни места и од сред улица. Граѓаните регираат и поради тоа што јавен превоз нема во недела и деновите на празник, кога граѓаните се слободни и можат да го користат.
„Јавен превоз треба да има секој ден, како што е пракса секаде. Во деновите кога е помала фреквенција на патници нормално е и возниот ред да биде редуциран, ама не може тоа да им е неработен ден на превозниците. Тоа е исто како да се ослободат од работа пожарникарите, полицајците, лекарите... Кој одлучил тие да не работат кога вршат јавна услуга, особено кога се финансираат од парите на граѓаните. Ние од понеделник до петок немаме потреба од јавен превоз, ама во недела и за празници, би го користеле максимално, за прошетка во околните излетишта, села, планини....“, реагира и прашува Соња А.
Граѓаните се поделени за бесплатниот превоз, додека едни ја поддржуваат мерката и сметаат дека дава резултати, други сметаат дека е популистичка, која беше во функција на предходните парламентарни, и за престојните локални избори.