×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Докторка од Куманово учествуваше на најголемиот светски стоматолошки конгрес во Шангај

    02.10.2025 08:21 | KumanovoNews

    Д-р Елизабета Стевковска- Цветковска од Куманово, специјалист по орална хирургија, минатиот месец учествуваше на Меѓународен конгрес на стоматолози во Шангај, Кина.

    Докторка од Куманово учествуваше на најголемиот светски стоматолошки конгрес во Шангај

    Се работи за најголем светски настан од оваа област, кој на едно место ги собра најсовремените научни програми, интерактивни форуми и најновите достигнувања во стоматологијата. Организатор на конгресот е Светската стоматолошка федерација, а оваа година учество зедоа над 150.000 учесници од целиот свет.

    Д-р Стевковска - Цветковска, го презентираше својот научен труд и се претстави пред меѓународната јавност.

    „Првпат учествувам на Светски конгрес и тоа беше огромен предизвик и големо задоволство. Мојот труд беше прифатен и ќе биде објавен во светско списание. Програмата вклучуваше над 100 академски сесии акредитирани за континуирано образование, предводени од реномирани предавачи, кои опфаќаат теми релевантни за модерната стоматологија. Интересот на колегите зависеше од нивната специјалност, но имаше навистина голема размена на искуства“, вели д-р Елизабета.

    Конгресот го посетиле 14 доктори од Македонија. Настанот бил збогатен и со најголема стоматолошка изложба во историјата на светските конгреси – на површина од 600.000 м² со над 700 изложувачи, каде учесниците имале можност да ги видат најновите технолошки достигнувања во стоматологијата.

    „Една од клучните работи за успешна стоматологија е следење на современите трендови. Затоа и во нашата ординација, не само во оралната хирургија, туку и во сите стоматолошки услуги, настојуваме да работиме со најсовремена опрема и материјали“, потенцира докторката.

    Современа метода за побрзо заздравување

    Нејзината презентација на конгресот била посветена на темата „Влијание на фибрин богат со тромбоцити во зараснување на коска и меки ткива по апикотомија“. Станува збор за метода што користи автологен трансплантат – производ добиен од сопствената крв на пациентот. По центрифугирање, крвта создава гел богат со фактори за раст и регенерација, кои го заменуваат оштетеното ткиво и овозможуваат побрзо и полесно заздравување.

    „Пациентите закрепнуваат со минимален постоперативен морбидитет, без болка, оток, лузни или деформитети. Методата ја применувам повеќе од 10 години, а токму оваа тема е и основа на мојата докторска дисертација. Моето истражување токму на оваа тема ќе биде прво во Македонија“, објаснува таа.

    Во Македонија оваа практика се применува на Клиниката за орална хирургија во Скопје, каде д-р Стевковска работи заедно со својата коменторка проф. д-р Даниела Велеска Стевковска. На својот докторат работи со поддршка на проф. д-р Наташа Лонгурова од УГД Штип. Таа е трета година на докторските студии и се надева дека одбраната ќе биде наредната година.

    Повеќе од 20 години посветена работа

    Со над 20 години искуство, од кои 10 како специјалист, д-р Стевковска - Цветковска  во својата ординација „Денталукс“ секојдневно се соочува со комплексни случаи. „Покрај знаење и искуство, потребно е и многу трпение и добра комуникација, бидејќи стравот од хируршки интервенции е чест кај пациентите. Моја цел секогаш е пациентите да бидат задоволни и здрави“, нагласува таа.
    Во својата работа таа соработува со Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, УСКЦ „Св. Пантелејмон“ во Скопје, Стоматолошката клиника во Ниш, како и со Клиниката „Жан Митрев“ во Скопје.

    Впечатоци од Кина - љубезни, топли и вредни луѓе

    Од Шангај и Кина, докторката носи силни впечатоци: „Остави врз мене чувство на совршен спој на старо и ново – од будистички храмови, музеи и традиционални носии, до футуристички згради и висока технологија со масовна дигитализација. Имаат високоразвиена и масовно ја користат технологијата, од камери на секој чекор, роботи, дигитална поврзаност со апликации за плаќање  насекаде. Луѓето се љубезни, топли и ориентирани кон работата.“

    Иако е прва докторка во своето семејство, Елизабета вели дека стоматологијата ја избрала свесно: „Тоа е хумана професија која многу ја сакам, уживам во работата и повторно би го направила истиот избор.“

    Приватно, д-р Бети е горда мајка на две деца – ќерка студент по медицина и син средношколец во медицинско училиште. „По природа сум многу дружељубива, сакам да патувам, тоа ме исполнува и ми дава енергија, а секогаш кога можам сум во природа,“ вели таа.