Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Пред Собранието на Македонија денеска со почеток во 11 часот ќе се одржи собир на граѓани во организација на иницијативата „Кој е следен“ насловен „Народно собрание“.
„Кога заминуваат тие на одмор, ние доаѓаме пред Собранието. Демократијата не оди на пауза. Не затоа што немаме што да правиме туку затоа што имаме што да кажеме. Граѓаните ќе зборуваат, ќе критикуваат, ќе поддржуваат, ќе го кажат тоа што тлее предолго“, велат од „Кој е следен?“.
Од иницијативата „Кој е следен“ вчера преку соопштение се оградија од политичките партии.
Последниот протестен марш на иницијативата „Кој е следен“ се одржа на 24 март под мотото „Не само како поединци, туку како заедница“.
Приоритетни барања на Иницијативата се безбедни улици и градови, неселективен и правичен систем и едуцирана младина со морален компас во вистинската насока.
Од Министерството за внатрешни работи вчера информираа дека поради одржување на протест пред Собранието, Единицата за безбедност на патниот сообраќај со почеток во 11 часот ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот во централното градско подрачје на град Скопје.
Оттаму апелираа до сите граѓани учесници во сообраќајот да се почитуваат наредбите кои ќе ги даваат полициските службеници.