Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Велосипедскиот клубот „Крос сајклинг“ од Куманово еден од помладите клубови, но по резултатите кои ги постигнува се мери со најспешните во земјата .
Клубот е основан е во 2017 година, а со активна работа започна во 2020 година, под раководство на истакнатиот велосипедист и претседател Емил Цветанов, кој истовремено е и селектор на македонската крос-сајклинг репрезентација. Со 8 активни натпреварувачи, клубот постојано расте и се развива, активно работејќи на усовршување на техничката и физичка подготовка на своите членови.
Клубот посебно е горд на достигнувањата на младите велосипедисти на меѓународната сцена. На последниот натпревар во Килкис, Грција, Оља Цветанова освои прво место во категоријата до 15 години, иако има само 12 години, Кирил Анчевски е 4 во јуниорска категорија, а Јован Паневски се пласирал на 6 место во сениорската категорија.
Сите тројца се членови на македонската крос- сајклинг репрезентација, Јован во сениорска категорија, Кирил во јуниорска, а Оља како спортист кој заслужува и треба да гради искуство од реномирани меѓународни натпревари. Покрај нив, во националниот тим се и Марко Блажевски и Андријана Анастасовска од Скопје, но членови на клубот.
„За нас најважно е да се фокусираме на техничката изведба и безбедноста. Не форсирам победа. За мене, секој тренинг е важен, а сите мои натпреварувачи се дисциплинирани и посветени. Особено Оља, која во моментов е на многу високо ниво на Балканот, и со амбиции за понатамошен успех“, додава Цветанов.
Тој објаснува дека тренинзите се изведуваат со најсовремена опрема, вклучувајќи смарт тренажери и уреди како Гармин, кои им помагаат на велосипедистите да го следат нивниот напредок со прецизност.
„Вон сезоната работиме на смарт тренажери, што ни овозможува да се натпреваруваме во виртуелни услови, но и да го прилагодиме тренингот на индивидуалните потреби на секој натпреварувач. Програмата што ја развивам е специјално прилагодена на годишните периоди и интензитетот на тренингот,“ вели Цветанов.
Велосипедизмот е не само спорт, туку и начин на живот
Тој тврди дека адреналинот што го чувствувал кога тој се натпреварувал се уште е присутен како тренер. Кога тој активно се тркал со свирчето за старт заборавал на тремата и се фокусирал на она што треба да го изработи, а сега за него трае и трае додека не завршат „неговите деца“.
Македонија има ограничен број на натпревари во крос-сајклинг дисциплината, 7 годишно, но клубот активно учествува на меѓународни натпревари. Следниот голем настан е Европскиот олимписки младински фестивал во Куманово, трката за планински велосипедизам, а ќе учествуваат деца родени 2009/2010 година. Цветанов е реализатор, во тек се договори и преговори со Македонскиот олимписки комитет. Цветанов и клубот планираат учество на Европскиот шампионат за деца, како и на Балканското првенство во Романија.
„И покрај тоа што Куманово нема изградена инфраструктура за рекреативен велосипедизам како во Скопје, се трудиме да ја зголемиме свеста за велосипедизмот и неговите здравствени предности. Велосипедизмот е не само спорт, туку и начин на живот,“ вели Цветанов.
Секој успех на клубот е резултат на тешка работа и посветеност, а за Емил Цветанов, велосипедизмот не е само хоби, туку наука која се учи и развива со секој нов тренинг.