×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Медот и природата се еликсир за виталност и долговечност на пчеларите, вели Бобан Стошевски

    09.11.2024 18:58 | Оливера Пешевска

    „Кога ќе ја отвориш кошницата вдишуваш полен, прополис, матичен млеч, не само медот дава огромни здравствени придобивки за пчеларите. 

    Медот и природата се еликсир за виталност и долговечност на пчеларите, вели Бобан Стошевски

    Контактот со природата, спокојот и мирот кој го дава пчеларството, зуењето на инсектите е доказ за сите бенефити. Само погледнете колку години живеат пчеларите и колку се витални. На 75-годишна возраст редовно си ги одржуваат кошниците, а имаме активни членови и од 80, 85, 90 години“, тврди Бобан Стошевски, пчелар и претседател на Здружението „Пчела“ од Куманово.

    Стошевски со пчеларство се занимава веќе 11 години, а неговите 250 кошници се наоѓаат во селата Драгоманце, Врачовце и Младо Нагоричане. Иако немале семејна традиција во пчеларството, денеска со неговиот брат но Сашо создале мало пчеларско царство.

    На имотот во Драгоманце има и кабини за апиинхалициона терапија, наменети за возрасните, а посебно за децата со астма, бронхитис, белодробни заболувања, проблеми со дишните патишта, инфекции и алергии, главоболки и мигрена, а го подобрува и имуниот систем. Тоа е првата таква комора во Североисточниот регион, отворена пред две години. Придобивките од ваквиот вид терапија е огромен, се олеснува дишењето, оние со полесни облици на некое заболување и целосно ги исфрлаат лекарствата, а се подобрува и сонот, што е доказ за бенефититет за целокупното психофизичко здравје.

    „Започнав во 2013 со само 17 кошници, но претходно многу читав за пчеларството и се информирав од луѓето кои веќе имаат богато искуство. Толку бев занесен, кога ќе си легнев и замижев пред очи ми летаа пчелки, тлееше таа желба во мене. Додека сум жив нема да ги оставам пчелките“, сигурен е Бобан.

    Стошевски вели дека медот е единствен производ на светот кој не се конзервира, пчелите ставаат во него се што е потребно, и тој не може да се расипе. Затоа е возможно и урбано пчеларство, бидејќи пчелката кога е заразена, или ќе собере отровна материја не се враќа во кошничката. 

    Убавината на оваа дејност ја валкаат луѓето кои сакаат да профитираат на нечесен начин. Граѓаните често се жалат дека на пазарот има неквалитетен мед, кои тие не можат да го препознаат. Искусниот пчелар советува дека најдобра заштита е да се внимава на цената и од кого се купува.

    „Доколку  медот се продава по 300 денари не може да биде вистински. Цената од 600 денари е реална, се што е пониско од тоа нема никаква економска логика и исплатливост. Има големи трошоци, бара љубов и посветеност. Иако цените во последниве неколку години дивеат, таа е замрзната само за да ги научиме сограѓаните да јадат мед. Статистиката покажува дека еден Македонец не троши ниту тегла мед годишно, што е страшно ниска бројка, на последно место сме во Европа по конзумација на производот“.

    На Стошевски не му е јасен стравот на луѓето од инсектите, посебно од пчелките и вели дека само во екстремни случаи на самоодбрана можат да боцнат. Кога се однесува за тежината на оваа работа, тој вели дека пчелките го диктираат темпото на работа, и го прават дневниот распоред.

    Според него едно четиричлено семејство со 100 кошници може пристојно да живее од пчеларството, но само со чесна работа. Ова гранка не овозможува брзо и големо збогатување,  но материјалното им е компензирано на многу други начини, кои не се купуваат со пари.

    Бобан Стошевски е претседател на Здружението на пчелари „Пчела“, кое посветува големо внимание за едукација на пчеларите,  постојано се организираат гостување на предавачи без разлика дали се практиканти на пчеларството или реномирани професори од ветеринарните факултети од земјава и регионот. Членовите на здружението постојано се дружат, одат во посети на фармите, разговараат и разменуваат искуства и мислења. Сите учествуваат на манифестацијата Денови намед во Куманово, која трае по неколку дена.

    „Ме радува заедништвото, чувството на припадност со луѓето со кои лесно се разбираме и секогаш имаме тема за разговор“, вели Бобан.  

    И покрај сите обврски во приватниот и професионалниот живот во АРМ, нашиот соговорник вели дека секогаш наоѓа време и причина да ги посети пчелките, да ги надгледува кошниците, и да си го наполни срцето и душата со мир и задоволство кое само тие и природата можат да му го пружат.